| четврток, 6 декември 2018 |

МАНУ ја претстави монографијата за Курбиново од академик Цветан Грозданов

Македонската академија на наулите и уметностите го промовираше капиталното дело, „КУРБИНОВО и други студии за фрескоживописот во Преспа“ од академик Цветан Грозданов, монографија која открива сегменти од културната историја на преспанскиот регион од почетокот на 11-тиот век кога Преспа била седиште на моќното Самуилово царство, па се до времето на доцниот 14 век.

-Уште на почетокот сакам да истакнам дека обемната монографија за фрескоживописот на црквата „Свети Ѓорѓи” во Курбиново и на останатите споменици од средниот век во Преспа  е,  несомнено, еден значаен придонес во збогатувањето на научната мисла, дело кое аргументирано ја потврдува вистината дека Република Македонија е земја на цркви и манастири, фрески, икони, иконостаси, стара архитектура и многу други движни и недвижни добра од различен вид и период на настанување, истакна во своето обраќање министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

На 350-те богато илустрирани страници  на ова двојазично издание (на македонски и на англиски јазик) е прикажано богатото културно наследство што го поседуваме како држава, како и вредните артефакти кои се дел од македонската ризница. Не изостануваат и илустрациите на природните убавини на нашата држава кои потврдуваат дека во Македонија манастирите и црквите ја одржуваат духовната, а езерата и другите природни богатства – физичката култура на луѓето.

-Во оваа вредна монографија посветена на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, која е споменик на византиската уметност од крајот на XII век, академик Грозданов  до стручната и пошироката јавност  ги  доближува  неколкуте концепциски обединети студии кои во времето на нивното објавување значеле нов придонес во проучувањето и познавањето на нашата средновековна уметност во византиски стилски израз. Црквата „Св. Ѓорѓи“ не била проучувана до средината на 20 век и таа имала третман како еден од локалните споменици од средниот век. Сепак, витките фигури и развеаните драперии, виртуозната линија и арабеска која исцртува, дефинира и возбудува со силината на својот индивидуален  израз, како и сите разиграни форми кои се исцртани во црквата станале научен предизвик за истражувачите кои сериозно започнале да ја проучуваат по Втората светска војна, рече Канческа-Милевска.

Она што, несомнено, не остава без здив во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, се фреските и иконите на „Архангелите Гаврил и Михаил“, на „Свети Кирил и Методиј“, на „Свети Климент“ и на „Свети Никола“, како и библиските сцени „Вознесението на Богородица”, „Пророците” и „Благовештение”, а над се прекрасната и монументална претстава на „Христос-мир“, кои  сведочат за суптилниот и префинет дух на нивниот мајстор, за неговата нагласена индивидуалност и уметничка храброст, ретка во средниот век.

-Токму овие фрески се предмет на студиозниот научен пристап на авторот Грозданов, на сложените теренски истражувања и рекогносцирања, на студиските проверки и анализи во кои се трага по книжевните предлошки во делата со хагиографска, химнографска и литургиска содржина.  Би сакала да ги издвојам и студиите за фрескоживописот на Сливничкиот манастир и најстарата композиција на словенските светители „Седмочисленици“ од 1612 година, студијата посветена на портретите на „Св. Ахилиј Лариски-Преспански“, како и студијата во која се проучува композицијата на воведната строфа на акатистот на Богородица на црквата „Св. Петар“ на островот Голем град  во која е илустрирана и „Опсадата на Цариград“ и неговото чудесно  спасување., подвлече министерката за култура.

Оваа исклучително значајна монографија претставува целина која ги има сите особености на едно тематски заокружено дело проникнато со раскошта на повеќевековното уметничко создавање на просторот на Преспа. Монографијата  „КУРБИНОВО и други студии за фрескоживописот во Преспа“  е трајно  пишано сведоштво за богатото културно наследство што го поседуваме како држава, документ за нашето историско траење од кој младите генерации може да црпат многубројни сознанија.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top