| четврток, 6 декември 2018 |

„Антолог“ го најави „Букстар“ – првиот фестивал на европската литература во Македонија

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со големо задоволство го најавува „Букстар“– првиот фестивал на европската литература во Македонија. Во рамките на оваа манифестација, која ќе трае до крајот на октомври, ќе се одржат Саемот на европската литература, гостувања на странски и на домашни автори, неколку промоции и други интересни настани и содржини поместени во пет програмски целини.

Во последните години интересот на македонските читатели за литературата од писатели од Европа е очигледно зголемен, па имаме голем број нови преводи на класици, но и на еминентни и наградувани дела од современата европска литература. Периодов бележиме и редица промоции и гостувања на автори, така што сметавме дека тој нагорен тренд за европската литература и кон литературата воопшто треба да го поддржиме. Особено е важно тоа што и Македонија и македонските автори природно припаѓаат на ова книжевно семејство, бидејќи во „Антолог“ на европската литература гледаме во поширок, естетско-креативен, а не само географско-политички контекст, така што тука ќе се најдат и автори и дела од Балканот, Швајцарија, Русија, Турција итн. Поради фактот дека ѕвездите како симбол се асоцијација на Европа, а и поради тоа што во Македонија ќе ги поканиме најголемите имиња на европската литература, се решивме името на фестивалот да ги обединува токму литературата и ѕвездите – вели од ова книгоиздателство.

Во фокусот на фестивалот „Букстар“, односно „Книжевните ѕвезди“, ќе бидат гостувањата на авторите и промоциите на нивните дела. Годинава во Македонија се најавени важни имиња на европската и на светската уметност на пишаниот збор.

Имено, романот „Обескостена“ од белгиската писателка Изабел Вери, добитничка на Европската книжевна награда во 2013 година, ќе биде промовиран на 10 октомври во фоајето на киното „Фросина“ при МКЦ со почеток во 20 часот, со присуство на авторката. Преводот на книгата е на Маргарита Терзијан-Маленкова.

Романот „18% сиво“ од бугарскиот писател Захари Карабашлиев ќе биде промовиран на 22 октомври во галеријата при МКЦ со почеток во 20 часот, со присуство на авторот. Преводот на книгата е на Душко Крстевски.

Двете книги се објавени со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската унија.

Фестивалот „Букстар“ ќе биде главен книжевен настан на издавачката куќа „Антолог“ и традиционално ќе се одржува во месецот на книгата. Затоа, во рамките на фестивалот на европската литература цел октомври во Книжевниот центар „Антолог“ ќе се случува големиот Саем на европската литература, при што сите книги од европски автори ќе се продаваат со специјален попуст од 20-50 проценти. Со други зборови, голем дел од книгите од едицијата „Бранови“, која досега се покажа како омилена кај читателската публика, ќе може да се купат по речиси половина од редовната цена.

image008

Секоја година во рамките на фестивалот ќе биде промовиран и одреден македонски автор преку програмата „Македонска поддршка“, сè со цел да се прикаже богатата продукција на македонската книжевност. Годинава честа е на младата поетеса и новинарка Биљана Стојановска и на нејзината книга „Зборовите немаат значење“. Книгата ќе биде промовирана во фоајето на киното „Фросина“ на 13 октомври од 20 часот.

За да можат читателите одблизу да ги запознаат авторите во порелаксирано опкружување, во новоотворениот Книжевен центар „Антолог“ ќе се одржува програмата „Лично авторот!“ Читателите ќе имаат можност лично да земат потпис и да поразговараат со Изабел Вери на 10 октомври од 12 часот, додека средбата со Захари Карабашлиев е на 24 октомври на истото место, со почеток во 10 часот.

Во додатната, или оф-програма, на Фестивалот ќе биде затворањето со голема забава на 30 октомври, со што ќе се заокружи овој еден месец дружба со книгата и со писателите.

Фестивалот е интернационален, па затоа и името на „Книжевни ѕвезди“ ќе биде во неговата англиска верзија, „Bookstar“. Сите промоции на фестивалот се со логистичка поддршка на тимот на Младинскиот културен центар. Целата програма со сите други настани во рамките на овој фестивал може да се најде на интернет-страницата на „Антолог“, како и на нивните страници на друштвените мрежи.

„Антолог“ е книгоиздателство првпат основано на 7 јули 1999 година, од страна на македонскиот писател Александар Кујунџиски. Овој датум истовремено e формален почеток на една дамнешна бизнис-идеја, но и продолжение на една долга и разновидна уметничка традиција. Сè до 1903-тата година во семејното стебло на Кујунџиски се впишани неколку генерации златари-кујунџии, чии филигрански ракоделија денес се втопени во морето на креативниот гениј на македонскиот народ. Хуморот, сликарството, актерството, уметничката фотографија, исто така, се дел од меморијата и оставината на Кујунџиски. Но, Зборот е оној кој отсекогаш бил наша првична и основна инспирација. Зборот преточен во книжевност

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top