Телевизискиот канал „Русија24“ завчера, место извештајот за временска прогноза, на гледачите им понуди извештај за воздушниот напад на руската војска во Сирија.
Телевизијата навела дека Русија одбрала идеални хидрометеоролошки услови кога станува збор за борба против Исламската држава.
Во Сирија продолжува операцијата на воздушните сили. Како што сметаат стручњаците, времето, од точката на гледање на временските услови, е успешно одбрано, навела водителката.
Водителката додала и дека октомври во Сирија е погоден за летови и изнела детална прогноза за целиот месец.
Така е наведено дека малата дестабилизација на времето во таа држава, која може да се очекува во наредните денови, не може да влијае негативно на руската операција. На север се очекуваат врнежи, токму таму каде што руските авиони бомбардираат, но тоа не може да влијае сериозно на нивниот успех.
Водителката навела дека воздушните напади би можеле да бидат спречени од песочни бури, но истакнала дека таа појава е многу ретка во Сирија.
Во извештајот, кој траеше повеќе од три минути, а кој целосно беше посветен на временските услови во Сирија, на крајот се наведува дека самите временски услови ја принудуваат Русија да ја заврши операцијата во Сирија во што пократок рок поради тоа што, како што појаснила водителката, временските услови во Сирија ќе се нарушат во ноември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.