Хрватот Ивица Обрван го почна резот во македонската ракометна репрезентација, а прва „жртва“ на новиот селектор е голманот Борко Ристовски, кој не отпатува на реваншот против Шпанија. Мечот се игра во Гвадалахара, задутре од 12 часот.
Изненадување или не, си знае Обрван, а потегот е храбар бидејќи Ристовски беше еден од јунаците на ЕП во Србија кога бевме петтопласирани. Тој е стандарден голман на македонската репрезентација, член е на германскиот бундеслигаш Гумерсбах, но на последните натпревари не бранеше на препознатливо ниво.
Факт е дека има недисциплина во репрезентацијата, одигравме очаен меч против Шпанија, а и комплетно во квалификациите не ни оди најдобро. Нѐ декласира и една просечна репрезентација, од калибарот на Португалија, со 7 гола разлика, па ни „виси“ и пласманот на ЕП 2014 во Данска.
Нашите репрезентативци утрово заминаа за Шпанија. Наместо Ристовски, во составот е Никола Митревски, кој заедно со Петар Ангелов ќе го брани нашиот гол против светскиот првак.
За Гвадалахара не отпатуваа и повредените Миркуловски, Недановски и Маркоски, а неизвесен е и настапот на Кире Лазаров. Првиот дуел со актуелниот светски првак го загубивме со 17-24, дома, пред три дена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.