| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски ја повика новата грчка Влада да се надмине спорот со името

Главната стратешка и надворешно-политичка цел на Република Македонија останува нашето членство во ЕУ и НАТО, подвлече премиерот Груевски во обраќањето во ОН.

-Сите реформи преземени во земјата се во согласност со таа цел. Сите внатрешно-политички проблеми се решаваат во тој дух. Сепак, без оглед на внатрешно-политичките предизвици со кои се соочуваме, дозволете ми да подвлечам дека не треба да има препрека на нашиот пат кон евро-атлантската заедница на нации, наглaси македoнскиот премиер.

Едно нерешено прашање, посочи, кое, за жал, стои на патот на трајна стабилизација на нашиот регион, и директно влијае врз мојата земја и сѐ уште стои во агендата на ОН, за жал, е разликата со Грција околу името на мојата земја.

– Нашата позиција е мошне позната. Решавањето на разликите со нашиот јужен сосед е наш приоритет, во рамките на границите на резолуциите на ОН и согласно меѓународното право, кои го дефинираат решението кое е предмет на разговори и взаемно прифатливото решение. Нашата позиција е добро позната и таа е во контекст на реалноста, дека ние сме Македонци, говориме македонски јазик и живееме во држава со уставно име Република Македонија. Меѓународното право треба да се почитува од сите и во сите случаи, а не наменски. Оттука и одлуката на Меѓународниот суд на правдата донесена во корист на мојата земја треба да се почитува од сите членки на оваа организација, особено затоа што тој суд е основан од ОН и треба да е гарантот на спроведувањето на правдата и на билатералните договори склучени под покровителство на ОН. Во спротивно довербата во светската организација и нејзините тела и органи ќе опаѓа, нагласи Груевски.

Според премиерот Груевски, треба ангажман за да се мотивира Грција да пристапи кон решавање на ова прашање, имајќи ја предвид инертноста која во дел е резултат на објективни причини заради неповолната економска состојба.

– Како две пријателски земји кои освен овој немаат друг проблем треба да се почитуваме и да соработуваме, да разговараме. Би сакал да ја повикам новата Влада во Грција, како што правевме и во претходните случаи, во духот на добрососедските односи и пријателството, да го решиме ова нерешено прашање како одговорни лидери и држави пред нашите народи. Како соседи, почитувајќи ја Времената спогодба од 1995 година како темел на нашите односи, неодамна договоривме список на практични мерки за градење доверба кои ќе бидат спроведени меѓу нашите земји, позитивен чекор што може да доведе до создавање погодна клима за надминување на разликите во врска со името. Се надевам овој пристап ќе продолжи и со новата грчка Влада, рече Груевски.

Денешните генерации политичари од двете страни, укажа, треба да направат овој спор, кој е произведен пред 24 години како класична политизација и инструмент кој во минатото требало некому да обезбеди поени во политичката агенда, може да има решение кое ќе е одржливо, балансирано, и најбитно взаемно прифатливо и кое ќе го поддржат граѓаните на нашите земји и кое ќе обезбеди суштински напредок за Република Македонија, позитивен исчекор на Грција во инвестирањето во гарантирано стабилно регионално опкружување и реализација на интересот на колективните системи за безбедност за меѓународен мир и просперитет и гаранција на нивните интереси.

– Ова решение ќе придонесе во цврстината на регионот и подигнување на капацитетите за отфрлање на предизвиците со загрозувањето на стабилноста од страна на радикални елементи, подобро остварување на меѓународните конвенции за универзалните права и посилен систем за одговор на хуманитарните предизвици, рече премиерот Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top