| четврток, 6 декември 2018 |

Обвинителка со специјални проблеми

Катица Јанева не е прва лига. Таа не е играч од македонската судско-адвокатско-експертска елита. Јанева нема искуство со медиуми, ниту со односи со јавноста. Нема свој советник за имиџ, ниту новинари-пријатели или агенција што ѝ ги пишува говорите. Но таа го има единствениот и најсилен алат во обидот да се создаде ситуација Македонија да продолжи на патот кон ЕУ и кон НАТО. Таа има шанса да ја промени Македонија и да ги расчисти маглите предизвикани од илегалните прислушувања и од употребата на вербални деликти во политички цели

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Обвинителката Катица Јанева, ако по ништо друго, ќе влезе во историјата на Македонија како првата жена, воопшто граѓанин, што по малата конфузија и изненадување доби апсолутна поддршка од јавноста, најголемите политички партии и од странците.

Дежурните злобници пак, веднаш ја осудија. На првата конференција за печат носела преголем ѓердан, фустанот премногу откривал и не бил доволно формален за церемонија на устоличување на обвинител од кој треба да се тресе политичката елита. Некои саркастично забележаа дека се однесувала како власта затоа што не дозволила прашања од медиумите на својата прва средба со новинарите. А нив најмногу ги заинтригира нејзиното тврдење на првото интервју дека „се пријавила за специјален обвинител“ без притоа да прецизира каде и како, вербално или писмено искажала желба да стане страв и трепет во македонската политика. Во новинарските кулоари се шепоти дека Јанева со своите јавни настапи и реторика испраќа порака дека ќе биде храбра затоа што, освен што ја има поддршката од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, ја има и поддршката од ЕУ и од САД. И во тој контекст не се важни шпекулациите дека нејзиното име било додадено на најмалку два списока доставени од партиите, со што стана најмал заеднички именител на македонската демократија.

Важно е само дека таа, освен од неколку разочарани кандидати, има поддршка од сите суштински фактори и дека ќе има луѓе и средства да ја оствари задачата што ѝ е доверена. Да докаже дека Македонија има капацитет и енергија да ја надмине кризата и да продолжи напред.

 

Елитата е разочарана

Со изборот на Јанева се скрши еден непишан закон во Македонија, според кој на важни функции најчесто беа  поставувани „извикани“ претставници на од таканаречената стручна, судска или професорска фела, личности што ѝ се добро познати на јавноста. Сега за прв­­пат на една од најважните функции во земјава, според потенцијалот да влијае на политичките текови, е избран лик што, освен тоа што е жена, доаѓа од провинција и ниту има искуство со тешки процеси ниту, пак, е дел од некое бизнис или политичко лоби. Дури и тие што ѝ ги ставија на душа контактите со сегашниот „неспецијален“ обвинител Зврлевски се свесни дека поради природата на работите морала да соработува со својот шеф во јавното обвинителство. За многумина нејзиниот професионален профил е проблем, но за неа лично и за голем број обични смртници што сведочеле дека не секогаш најгласниот и најубавиот е најкорисен за државата знаат дека колку нејзината досегашна минорност е минус, толку нејзината поставеност настрана од политиката и од големите судски процеси е најголема предност во периодот што следува.

kolumna160-Katica-Janeva-2

Поделбата на власта пред уставно редефинирање

Изборот на Катица Јанева за специјален обвинител ги турна во вода голем дел од претпоставките содржани во прислушуваните разговори врз основа на кои опозицијата ги градеше своите позиции околу политичкото влијание врз судството. Предлагањето обвинител од страна на сите партии и нивното согласување со нејзиниот избор, нешто што е практика во целиот свет, се разбира, со одредени правила и рокови што даваат можност за негова независност, целосно ги поништува забелешките на опозицијата дека актуелната власт вршела политичко влијание при изборот на претседатели на судови, па дури и избор на судии. Може ли сега Јанева, водејќи се од забелешките за вршење притисок врз судството, да поведе постапка во ситуација кога и самата таа не е именувана од своите колеги или од судските инстанции, туку директно од политички партии, а законот со кој стапи на функција го потпиша шефот на државата. Јанева, веројатно, во иднина ќе биде една од причините за редефинирање на тројната поделба на власта меѓу Владата, Собранието и судовите. Хрватскиот случај со специјалната институција УСКОК или романската приказна со обвинители и со истражители што имаат многу широки овластувања и често се испреплетуваат меѓу извршната и судската власт, кај многумина предизвика коментари, според кои, во иднина и на Македонија може да ѝ се случи нова власт, која популарно се нарекува четврта. Како ќе се одвиваат работите во иднина во голема мера зависи од храброста и од упорноста на специјалниот обвинител, кој пред себе има крајно политизирана ситуација во која ќе мора стопати да измери пред да пресече. Ќе биде ли Јанева доволно силна да преземе чекори што, можеби, ќе ги расчистат работите, а во исто време ќе предизвикаат уште поголема политичка криза? Или, можеби, како што досега најчесто беше практика, ќе се реши за умерен пристап во кој ќе нема победник или поразен, а притоа ќе се постават правила на игра за некои следни ситуации? Одговорот на овие прашања, освен самата таа, го нема никој друг, па ниту тие што го ставиле нејзиното име на списоците и што ги прифатиле нејзините желби да стане најважен дел од судството во овој критичен период од независна Македонија.

(Текст објавен во 160. број на неделникот Република, 25.09.2015)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top