По претставувањето во НУ Завод и музеј – Битола, изложбата „Музеј на женски приказни“ продолжува во Прилеп и ќе биде отворена во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“ вечерва, 1 октомври во 19 часот.
Во 20 часот ќе биде организиран разговор поврзан со темата на проектот на која ќе говорат Љупчо Печијарески, Рубин Белчески и коавторките на проектот.
Проектот „Културата во улога на територијален развој и социјална кохезија“ почна во 2014 година.
Проектот е програмски развиен и спроведен од „Локомотива“, Скопје во соработка со областа на заливот Мон Сен Мишел од регионот Долна Нормандија, Франција.
„Музеј на женски приказни“ е дел од проектот, кој произлезе од идејата да се истражи, согледа и (ре)афирмира улогата на жената во општествено-политичкиот, социјалниот и семејниот контекст преку читање на културните значења, симболи, асоцијации, затскриени зад историските факти, од првата половина на 20 век во Битола, Прилеп и во Крушево со околијата на пелагонискиот регион.
Коавторки на програмата на Музеј на женски приказни се Искра Гешоска, Христина Иваноска, Виолета Качакова и Биљана Тануровска-Ќулавковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.