Модниот бренд „Елена Лука“ утре во 19 часот во салонот „Ауди“ на „Порше Македонија“, ќе ја презентира својата нова колекција „Далга“ за сезоната пролет/лето 2013 во рамките на Модниот викенд-Скопје.
Слободата на движење и духот на спонтаноста суптилно се чувствуваат во колекцијата „Далга“ на Елена Лука.
Брановидната уметност на „Далга“ е совршен спој помеѓу палета од нијанси на чистите песочни бои и спонтаната игра на воздушестите форми и фините материјали. Лелеави и лесни, на моменти бајковидни, педесетте креации бескомпромисно оставаат простор за изразување и утврдување на еден уникатен стил и идентитет на современата жена.
Стаклениот ефект добиен со комбинацијата на свила и органтин отвара една нова димензија во визуелниот потпис на жената.Таа е децидна, доволно смела и храбра да го обвие своето тело со прозрачни материи кои ја пласираат пред јавноста нејзината фигура без скруполи, но истовремено ја нагласуват нејзината романтичност и кревкост . Префинетоста во една модернизирана автентичност ја дефинира „Далга“ како безвременски спој на елеганција, женственост, слобода и неконвенционалност.
Секој модел во својата уникатност ги носи тежината на емоциите , неповторливиот дизајнерски сензибилитет, часови и часови рачна изработка и беспрекорен финален резултат крунисан со дискретни златни детали .
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.