Повеќе од една деценција македонската креаторка Тања Кокев е присутна на македонскиот пазар. Признава дека е многу потешко еден бренд да се одржи на пазарот, отколку тој да се создаде. Затоа е потребен и голем баланс.
Освен венчаниците по кои е препознатлива, Кокев редовно создава колекции есен-зима и пролет-лето во кои таа е постојано различна, сака да експериментира, но дозата на префинетост и елеганција е секогаш на прво место. Таа е една од ретките дизајнери кои се осмелуваат да ја прошират својата дејност. Кокев беше прва дизјанерка која создаде свој парфем чие заштитно лице е македонската актерка Јелена Јованова. Храбро чекореше напред и создаде и своја колекција на чевли и ремени, а редовно соработува и режисери, музичари, диригенти… За изработка на моделите, Кокев во дел од колекциите користеше луксузни ткаенини од модните куќи „Валентино“, „Шанел“ и „Армани“. На последната ревија видовме и машки костуми, така што Кокев ја реализира и својата дамнешна желба, да креира мода и за мажите.
– Мојата неостварена желба е малку поразлична од мојата професија. Многу сакам еден ден да имам свој ресторан. Веќе го знам менито, ентериерот и музиката. Само ете, се уште не кликнал моментот за таа моја желба – вели Кокев во интервју за „Република“.
Неодамна, во скопскиот хотел „Александар Палас“ ја претставивте новата колекција за есен-зима. Од каде ја црпевте инспираицјата? Дали сте задоволни од реакциите на публиката?
КОКЕВ: Инспирацијата беше од духот и стилот на животот во 70-те години на минатиот век. Тоа не се однесуваше само на облеката, туку на целиот концепт на животот во тие години. Новата колекција е ослободување од сите стеги и една нова ренесанса на телото и духот, што е совршено видлива токму преку облеките од тој период. Токму затоа моделите во новата колекција се толку шарени, весели и цветни.
За оваа колекција решивте да направите отворен кастинг за модели, но потоа на крај моделите ги носеа познати манекенки. Што ве предомисли во одлуката?
КОКЕВ: Имавме навистина голем број девојки кои се пријавија на отворениот кастинг. Но, проблемот кога работиш со отворен кастинг е што се пријавуваат девојки кои не се модели и немаат искуство на писта. А, движењето на писта е еден од најглавните моменти. Затоа на крај се решивме новата колекција да ја претстават искусни манекенки и затоа решивме да работиме со агенции.
Вашата биограффија е многу богата. Освен колекции за модерни жени и венчанци, лансиравте и парфем чие заштитено лице беше Јелена Јованова, создадовте линија чевли, линија тоалети…Што остана ново да направите? На кое поле не сте се пробале, а сакате?
КОКЕВ: Ете, новина беа машките модели кои беа претставени во последната колекција. Ова беше дамнешна желба која конечно ја реализирав. Машката колекција ќе биде исклучиво по нарачка, затоа што сметам дека машкиот костим за да биде беспрекорен, мора да биде изработен по мерка.
Тешко ли е да се одржи бренд како „Кокев“ во овие пазарни услови? Се живее ли од мода?
КОКЕВ: Секако дека е тешко, но јас не ’кукам’ дека е тешко. Никогаш не се жалам, туку напротив, барам решенија. После 11 години на пазарот во Македонија сметам дека е многу потешко одржувањето на брендот, отколку неговиот почеток и создавање. Потребен е многу голем баланс во секоја постапка и добра проценка за не ’клизнеш’.
Отекогаш сте имале убави и блиски соработки со македонските уметници како Дејан Пројковски, Наташа Петровиќ, Јелена Јованова, македонска филхармонија…
КОКЕВ: Тие се некои соработки од љубов и ќе работам со нив се додека и тие имаат желба да работиме заедно. После толку години си ги знаеме желбите и можностите. Пет минути по завршување на ревијата доаѓа Дејан Пројковски до мене и ми вели: ’Имам идеја за следната ревија’. Тоа е таа соработка и разбирање…
Што ви е неостварена желба во вашата професија?
КОКЕВ: Мојата неостварена желба е малку поразлична од мојата професија. Многу сакам еден ден да имам свој ресторан. Веќе го знам менито, ентериерот и музиката. Само ете, се уште не кликнал моментот за таа моја желба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.