| четврток, 6 декември 2018 |

Наградата „Ана Франк“ за Алексиќ, Ерменкова и Димова

Издавачката куќа „Фениск“ и Фондацијата „Македонија презент“ од Скопје, со цел да се афирмира и стимулира литературата за деца и млади, деновиве по четврти пат ги соопштија добитниците на меѓународната награда „Ана Франк“ за 2013 година. Тоа се: Дејан Алексиќ од Србија, Катја Ерменкова од Бугарија и Виолета Димова од Македонија.

dejan-aleksic

Дејан Алексиќ е еден од најзначајните книжевни творци од помладата генерација во Србија. Посебно место во неговото творештво зазема литературата за деца. Инаку тој досега ги добил и наградите на „Политикин забавник“, „Невен“, наградите на Саемите за книга во Белград и Бања Лука за најдобра детска книга, наградата на „Змаевите детски игри“, „Доситеево перо“, наградата на Радио Белград и други. Неговите песни и раскази за деца се застапени во читанките и лектирата за основните училишта, а повеќе негови драмски текстови за деца се поставени на сцена. Алексиќ во областа на творештвото за возрасни е носител на повеќе награди и тоа: „Бранкова награда“, „Просветина награда“, „Матичев шал“, „Бранко Миљковиќ“, „Бранко Чопиќ“, „Меша Селимовиќ“, „Борислав пекиќ“ и други.

Katja_Ermenkova-portret-cveten

Катја Ерменкова е родена и живее во Сандански и е член на Сојузот на бугарските писатели. Автор е на повеќе поетски збирки и драми, а нејзините песни се преведени на македонски јазик, но и на српски, полски, украински, руски, англиски и албански јазик. Во Македонија е објавена книгата „Избрани песни“. Таа е уредник на книжевното списание „Ирин Пирин“, како и на издавачката куќа „Мелник“. Основач е на меѓународната книжевна манифестација „Мелнички вечери на поезијата“.

violeta-dimova

Виолета Димова е декан и редовен професор на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Автор е на неколку наслови за деца, а нејзините книги, во кои доаѓа до полн израз нејзиното долгогодишно искуство како универзитетски професор, кој темелно, посветено и аналитички се занимава со проучувањето на развојните и современите процеси и промени во наставата по литература, како и воопшто во образованието,  се користат како учебници по методика на наставата по литература за студентите на Филолошките факултети.

Наградата „Ана Франк“ на добитниците ќе им биде врачена на Меѓународниот саем на книгата во Скопје, кој годинава ќе се одржи од 9-ти до 15-ти април.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top