В сабота, на пладне на 6 април во книжарницата „Или-Или“ ќе се одржи промоцијата на романот „Фото синтеза“ на Игор Анѓелков. Ова е третата книга на Анѓелков, по дебитантската збирка раскази „Кротки приказни” (2006) и романот „Крај-пат” (2010), кои наидоа на одличен прием кај читателите.
Ова е вкупно 74-ти наслов, односно петнаесетта книга од единаесеттиот домашен автор во популарната едиција “ПРОаЗА” на издавачката куќа “ИЛИ-ИЛИ”, со што продолжува поддршката на новата генерација македонски автори кои во оваа скопска издавачка куќа ги издаваат своите провокативни дела.
За авторот на книгата, писателот Благоја Иванов вели: „Со својата нова книга, Анѓелков несомнено го утврдува своето име на млад автор чиј првенствен интерес е современоста, како и луѓето кои истата ја живеат, со сите свои животни премрежја”.
Писателката Оливера Ќорвезироска, пак, во рецензијата за романот истакнува: „Ако го сакавте она меко, кротко, непретенциозно раскажување со речиси филмска монтажа на одлично испланираните раскажувачки секвенци, ако ја сакавте онаа благост со која авторот сигурно ве „управува“, ревносно хранејќи ви ја илузијата дека „воланот“ е во ваши раце, ако ви се допаѓаше книжевната тура низ секојдневието со задолжителната посета на несекојдневното,.. ако ги помните „Кротки приказни“ и „Крај-пат“ – тогаш „Фото синтеза“ е одлично „место“ за утврдување на совладаната книжевна материја: различно од претходните објави на Анѓелков, толку колку што треба за да знаете дека е нешто сосем ново, но и исто, толку колку што треба за да знаете дека сепак е негово и само негово. „Раката“ ќе му ја препознаете веднаш, но не дозволувајте си да го претпоставите и „ракавот“ пред убаво да видите/да прочитате!”
Игор Анѓелков е роден на 05 ноември 1974 година во Скопје. Дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на мастер студиите по Медиуми и комуникации на Правниот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Веќе десет години е уредник на популарната едиција “ПРОаЗА” во издавачката куќа “Или-Или”, а исто толку години е автор и уредник на филмскиот магазин “Филмополис” на ТВ Телма. „Фото синтеза” е негов втор роман.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.