| четврток, 6 декември 2018 |

Цртањето како начин на изразување на чувствата кај лицата со пелтечење

bona

Колумнист:
м-р Нермин Теловска
дефектолог-логопед, специјалистка за дисфлуентни нарушувања на говорот

Активностите како што се цртањето, музицирањето, креативните движења и игри, допуштаат изразување на мислите и на чувствата на начин различен од вербалниот и имаат уникатна особина како терапевтска интервенција. Овие активности им овозможуваат на индивидуите да го искажат тоа што им е тешко со зборови. Овој факт треба да се искористи во планирањето на третманот на лицата со пелтечење како и кај сите други нарушувања, каде што е потребна когнитивна и емоционална реконструкција на личноста. Емоциите се функција на десната мозочна хемисфера, која, во нашиот свет денес, е помалку развиена или неактивна кај повеќето луѓе.

Поради ова се заземам за будење на интерес за практики кои ја активираат десната мозочна хемисфера. Најдобра практика за таа цел е вклучување во уметноста, во почетокот како посетител на уметнички настани: изложби, концерти, претстави, односно како гледач и слушател, а потоа и како активен создавач на уметнички продукции, на кое било ниво.

Кога се зборува за комплексноста на пелтечењето, не може да не се спомене неговата споредба со феноменот на леден брег. Како што е добро познато, само 1/8 од него е видлива и опасноста лежи во масата под површината, која не е видлива за набљудувачот; така, скриените однесувања, вредности, стравови и чувства на лицето кое пелтечи претставуваат голем дел од проблемот кој се детектира со внимателна анализа на резултатите од специфични инструменти за таа намена. Оттаму и идејата за вклучување на цртањето во терапевтските процедури за соочување со проблемите што се јавуваат на когнитивен и на емоционален план. Цртањето, како еден модел на експресивна терапија, не е само начин на изразување на длабоки чувства, за кои лицето кое пелтечи, најчесто се срами и избегнува да зборува, туку е и мошне интересен начин кој буди пријатни емоции и ја поттикнува креативноста. Тоа може да се искористи и за изградба и за враќање на самодовербата. Ова има особено значење кај децата и кај младите во периодите на стресни ситуации во нивниот живот, кога најчесто се очекува егзацербација на симптоматологијата на пелтечењето. Такви се периодот на доаѓање на нов член во семејството, или на поаѓање на училиште, периодот на пубертет или рапиден хормонален развој и друго. На цртежите прикажани подолу, може да се види мултидимензионалната природа на пелтечењето; преку нив клиентите добиваат можност за истражување на сопствените ставови и верувања за пелтечењето, без страв од него, и тоа на еден многу полесен и попријатен начин од вербалниот. Овие цртежи имаат потенцијал да ни ја приближат вистината за искуството со пелтечењето.

Цртањето е препорачливо кај децата со пелтечење, посебно во периодите на неговото влошување, кога не треба да се форсира вербалната комуникација.

 

Nermin-za-crtanjeto-1

Цртежот од десната страна, прикажува како се гледа себеси, додека зборува, едно бистро 4-годишно дете, со средно тешка форма на пелтечење, чии родители го опишуваат како пресензитивно, особено на врева и на гужва, со силни, долготрајни негативни реакции, кога нема да го добие бараното.

 

 

Nermin-za-crtanjeto-2Следниот цртеж е на 5-годишно дете со пелтечење, кое, иако на првата наша средба беше многу срамежливо, за кратко време се адаптира и почна одлично да соработува. Во блиското семејството има позитивна анамнеза за пелтечење, поради што кај родителите постои голема загриженост.

 

 

На следниот цртеж, со линии кои одат нагоре и надолу, својот говор го прикажа едно 6- годишно девојче, кое поцрвенува од срам додека зборува.

Nermin-za-crtanjeto-3

 

 

Nermin-za-crtanjeto-4Од десната страна е цртежот на 9- годишно дете со лесна форма на пелтечење; тоа е енергично, весело и друштвено и кажува дека има многу другарчиња.

 

Nermin-za-crtanjeto-5На цртежот од левата страна се нацрта себеси едно 5-годишно машко дете кое пелтечи. Моментите на пелтечењето се чести и со јасна тензија на ниво на устата и на вратот. Тоа живее со мајка му, дете е на разведени родители. Дополнителни фрустрации има поради тоа што татко му не го посетува и не поминува време со него.

 

 

Цртежот што следува, посебно импресионира. Преку него своите чувства ги искажа едно симпатично 9-годишно дете со тешка форма на пелтечење, со блокови со видлив спазам на лицето, јазикот и на вратот. Кај него доминира чувството на срам. Инаку, детето е единствено дете во семејството; живее со мајка, татко и баба. Мајката е со преголеми очекувања, не го прифаќа пелтечењето ниту каков било неуспех во училиште, поради што детето има постојано чувство на притисок и фрустрации, затоа што не може да ги исполни нејзините очекувања.

Nermin-za-crtanjeto-6

 

 

Еве како си го нацрта своето пелтечење едно 6-годишно девојче, кое пелтечи од две-и пол години.

Nermin-za-crtanjeto-7

 

 

На следниот цртеж, 21-годишно момче, со тешка форма на пелтечење, нацрта како се доживува себеси додека зборува.

Nermin-za-crtanjeto-8

 

 

Следната слика ја нацрта едно симпатично 6-годишно дете. Бев пријатно изненадена кога ми кажа дека го нацртал својот логопед, мене. Инаку, пелтечењето за прв пат му се појавило на тригодишна возраст, по што за кратко време од неколку месеци се смирило, за годинава, откако тргнало на училиште, повторно да се појави.

Nermin-za-crtanjeto-9

 

 

И на крајот, да се потсетиме,
Уметноста ја стимулира десната мозочна хемисфера, развива способност за допир со чувствата, и го негува есенцијалниот дел на личноста, потребен за чувството на лично задоволство, исполнетост и животна радост.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top