| четврток, 6 декември 2018 |

Папата Франциско во посета на Куба

папа

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, синоќа допатува во кубанскиот главен град Хавана, со што официјални ја започна тридневната посета на Куба.

По пристигнувањето на хаванскиот аеродром, папата го поздрави подобрувањето на односите меѓу Куба и Ватикан и ги охрабри кубанските власти да продолжат со давањето слобода на Црквата „да ја извршува нејзината мисија“.

Понтифот при тоа ги повика Куба и САД да продолжат со затоплувањето на односите и да преставуваат пример за слични ситуации во светот.

– Веќе неколку месеци сме сведоци на порака што не исполнува со надеж за нормализација на односите. Ги повикувам политичките лидери да продолжат по тој пат и да бидат пример за помирување за целиот свет, нагласи папата.

Кубанскиот претседател Раул Кастро, кој го пречека папата на аеродормот „Хозе Марти“, му се заблагодари за неговата улога во поттикнувањето на САД за подобрување на односите со Куба, по повеќе од половина век непријателство.

Според најавите од Ватикан, за време на оваа трета посета на еден папа на Куба, можно е Франциско да се сретне и со поранешниот кубански лидер Фидел Кастро.

Од Куба папата во вторник ќе замине во повеќедневна посета на САД, каде ќе престојува во Вашингтон, Њујорк и Филаделфија. Франциско при тоа ќе биде првиот папа во историјата што ќе се обрати во американскиот Конгрес, а ќе одржи говор и во Генералното собрание на ОН.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top