Македонија го претрпе и вториот пораз во квалификациите за ЕП 2014 во Данска, откако на нашите ракометари вечерва, им беше одржана лекција од актуелниот светски шампион Шпанија. „Фурија“ ја зафати Македонија, а паднавме лесно пред налетите на планетарниот ракометен владетел.
Разликата во класа беше очигледна од самиот почеток, па противникот веќе во првото полувреме ги разреши сите дилеми околу победникот на дуелот во „Борис Трајковски“. Шпанците водеа со 13-7, по првиот дел, а во продолжението умешно ја одржуваа предноста. Армадата на гостите беше совршена. Првиот гол го дадовме дури во 11. минута за 1-4. Од минута во минута, Шпанија го зголемуваше водството, за сигурна победа од 7 разлика.
Новиот селектор Ивица Обрван, има причина за загриженост, со оглед на слабото издание на своите избраници, од кои се очекуваше, барем во Скопје да му пружат поголем отпор на светскиот шампион. Згора на тоа, хрватскиот стратег, во следните денови ќе има проблеми со повредите на Кире Лазаров, Велко Маркоски и Недановски, кои се крајно неизвесни, за дуелот в недела, во Гвадалара против истиот ривал, од 12 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


