| четврток, 6 декември 2018 |

Во МКЦ промоција на „Кругови“ од Тина Иванова

Романот „Кругови “ од Тина Иванова, издание на „Или-Или“, вечерва во 20 часот ќе биде промовиран во Младинскиот културен центар. Се работи за четиринаесеттата книга од домашен автор во едицијата „ПРОаЗА“, со што издавачката куќа „Или-Или“ продолжува со поддршката на новата генерација на домашни автори кои наоѓаат закрила токму во популарната прозна едиција на оваа скопска издавачка куќа, издавајќи ги своите први или втори дела кои наидуваат на одличен прием кај читателите.

Tina Ivanova

-Книгата „Кругови“ настана сосема спонтано, без никакви амбиции да ја издадам. Но, откако ја завршив, до денес додека излезе од печат, таа имаше убав пат. Ја прочитаа неколку луѓе чие мислење ми значи, и ме охрабрија да ја објавам. Не бев сигурна на ова поле, зашто е моја прва литературна објава, иако не и прва книга, но сепак, јас се занимавам со публицистика, новинарство, со музичка критика. Литературата е нешто сосема поинакво. Ја напишав зашто чувствував огромна потреба нешто да кажам, а што не го кажувам јавно. Да напишам нешто поразлично. „Кругови“ е роман, како што ја нарече мојот рецензент Александар Прокопиев, иако мене во овој момент не ми е важна формата, може да биде и новела, а може да биде и книга раскази, кој е моја лична, интимна приказна, се разбира инспирирана од скопското објективно живеење. Зборува на современ јазик, на јазикот кој јас го зборувам, нема дијалекти и архаизми. Зборува за смртта, за љубовта, па и за политиката на еден несекојдневен начин. Има измислени, ама и реални ликови кои биле и се уше се дел од мојот живот. Ликовите кои се внатре обработени кружат, постојано се враќаат на истото место од каде што тргнале, затоа се вика „Кругови“. И преку симболиката на зборовите е кружна. Тие, симболите, прикажани преку збор, преку лик, преку облеката што ја носат карактерите, преку нивната мисла, се вртат постојано во круг. На крајот така и завршува. Јас како главен лик, бидејќи зборувам од личен аспект, на крајот исто така се вртам, се вртам во една за мене нереална, нејасна ситуација заглавена во вртлогот на животот. И во оваа книга има многу музика, многу тажна музика, како што е тажен животот на Марта, Франц, Морис, Леви, близначките Сара и Вања, волшебникот Миро, мајка ми… Ова е книга која ме ослободи од некои мои мисли кои ми натежнуваа. Не сакам да им го узурпирам просторот на вистинските писатели, не сум писател, вели Иванова.

За авторскиот печат на Тина Иванова се осврнува и Александар Прокопиев во својата рецензија.

-Она што го одликува кусиот роман „Кругови“ е што на мал број страници се прикажува еден свет на секојдневјето скопско, современо, денешно, што не е само одраз на сегашниот живот на главната јунакиња, туку и средба со некои вечни дилеми, што веројатно го мачат посензитивниот и поумен човек, секогаш. Притоа, би истакнал една специфична карактеристика на Иванова што мене многу ми се допадна. Тоа е користењето на јазикот, посочува Прокопиев.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top