Македонската читателска публика од денеска ќе може да држи в рацете ново дело од современата македонска книжевност. Промоцијата на романот ќе се одржи во „Кафе ди Рома“ и тогаш почнува продажбата на новиот роман на Винка Саздова, „Понекогаш доаѓа среќа“. Книгата е биде достапна од денеска во книжарницата ТРИ во ГТЦ по промотивна цена, а најбрзите педесет читатели ќе добијат примерок со уникатна посвета од авторката.
„Понекогаш доаѓа среќа“ е приказна за младата Гора која ќе се впушти во љубовна врска со зрелиот човек Давид. Гора е заплеткана во необични сестрински односи со Ведра, а Давид по разводот од неговата сопруга, опсесивно се врзува за своето синче. Насловот на книгата навестува среќен крај, но до него треба да се стаса низ многу пречки, болни и интимни соочувања и преиспитувања и низ созревање на ликовите.
„Од словесниот разбој на раскажувачот Винка Саздова, пред нас е третиот роман, третата емоционална арабеска, од која избликнуваат боите, мирисите, воздишките и солзите на едно сурово и докрај искрено соочување со противречностите што пред нас ги исправа нашата неповторлива човечност. Со веќе препознатливото мајсторство на раслојување и преплетување на нарацијата, односно наративните нишки, авторот слично на мудрата Аријадна ни го подава в раце само крајчето од багрениот (т.е. пурпурниот, крвавиот, егзистенцијалниот, саможртвениот) конец на приказната, кој ќе ни биде единствениот патеводител низ лавиринтот (или пустината) на една вртоглаво драматична себезагубеност“, вели за романот Отец Методиј Златанов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.