| четврток, 6 декември 2018 |

Подгответе се, пред нас е викенд на големи дерби-дуели

По паузата поради репрезентативни настапи ширум светот, овој викенд продолжуваат натпреварите во националните првенства.
Вредеше да се почека две недели и да се апстинира од клупскиот фудбал, бидејќи претстои викенд зачинет со многу дерби-дуели.

crvena zvezda

Започнуваме од соседството каде се игра 149.вечно дерби меѓу Црвена Звезда и Партизан. Се игра на стадионот „Рајко Митиќ“ кој е дом на „црвено-белите“. Звезда влегува во овој меч како лидер на табелата, но Партизан има натпревар помалку. Секако вечното дерби привлекува големо внимание и во нашата држава и голем број на симпатизери на двата клуба ќе се упатат во Белград да го проследат натпреварот кој се игра в сабота со почеток од 18.30 часот.

Во истиот термин но на Островото ќе се одигра најголемото дерби во Англија. Вечните ривали и двата тима со најмногу освоени пехари во историјата на Премиерлигата, Манчестер јунајтед и Ливерпул, ќе се сретнат на „Олд Трафорд“. Двата големи ривала влегуваат во овој натпревар со ист број бодови (седум) од четири одиграни натпревари.
Нема потреба да се трошат зборови за да се објасни колку е значаен овој натпревар за двата клуба, кои на почетокот на својата историја биле блиски пријатели и сојузници, но индустриската револуција на почетокот на 20.век донесе поделба на градовите и на културите и создаде два легендарни клуба кои сега се најомразени меѓусебе.
Победата во утрешниот дуел ќе ја одбележи сезоната и ќе биде мотив повеќе за понатамошните натпревари во Премиерлигата.

Неделата ни носи две големи дерби-средби во Европа.

italija derbi

Италијанците се подготвуваатза  дербито „Дела Мадонина“ во кое се среќааваат двата милански гиганти, Интер и Милан. Ова не е само италијанско и градско дерби, ова е битка меѓу учителот и ученикот, Манчини од едната и Михајловиќ од другата страна.
Прославениот играч на „нероаѕурите“ сега прв човек на „росонерите“ Синиша Михајловиќ, се враќа пред навивачите со кои славеше големи успеси како играч и изјавуваше дека никогаш нема да се пресели во редовите на градскиот ривал.
И двете екипи беа доста активни на трансфер пазарот ова лето. Милан со свежите пари кои дојдоа во клубот по продажбата на 48 проценти од акциите, видно ги засили своите редови и посакува да се врати на старите патеки и на славата која несомнено ја имаше во текот на последните 25 години. Интер исто така со неколку нови имиња и со две победи на стартот во Серија А лигата, посакува повторно да биде еден од тимовите кои ќе ја водат главната битка за скудетото.
Натпреварот на Сан Сиро започнува в недела во 20.45 часот.

Петнаесет минути порано, но на друг европски полуостров (Пиринејскиот) започнува дербито во Шпанија меѓу Атлетико Мадрид и Барселона. Големиот натпревар кој се игра на „Висенте Калдерон“ е вистинско уживање за љубителите на фудбалот ширум светот.
Двата тима во изменети состави од минатата сезона ќе се обидат да дојдат до трите бода и со тоа да ја најават кандидатурата за освојување на Примера дивизија. Последните два шампиона во Шпанија се среќаваат уште на почетокот. Сѐ освен победа на едниот од ривалите ќе му одговара на гигантот Реал Мадрид, кој се надева дека ќе фати приклучок на табелата по почетната утка против Спортинг Хихон.

Последното дерби, кое во некои спортски кругови се опишува како најголемо во светот, го оставивме за крај.

argentina derbi

Натпреварот меѓу Ривер Плата и Бока Јуниорс со години, со децении го привлекувало најголемото внимание. Домот на Ривер стадионот „Монументал“ ќе биде претесен да ги прими сите што сакаат во живо да го проследат натпреварот, да ја почувствуваат атмосферата и да ја почувствуваат енергијата што ја прават најпрвин актерите на теренот, а потоа, секако, и навивачите за кого и се игра фудбалот.
Аргентина е единствената земја во светот која не забранува посета на гостински навивачи ниту пак пиротехника која, секако, се користи во Јужна Америка.

Натпреварот, кој ја заокружува богатата понуда на дерби-дуели овој викенд и кој е шлагот на тортата, се игра в недела со почеток од 23.15 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top