Потенцијалот за инвестирање во слободните економски зони и билатерална соработка меѓу Грција и Македонија, беа во фокусот на настанот кој вчера бил организиран од страна на трговската и индустриската комора на Солун и Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи на Македонија.
Како што јавија грчките медиуми, на настанот говорел македонскиот министер задолжен за странски инвестиции Џери Наумоф, кој ја претставил Македонија како деловен рај, а во своето обраќање, претседателот на солунската комора Димитрис Бакацелос ги навел, меѓу другото, изгледите за соработка меѓу двете земји.
– Постојат многу можности за продлабочување на соработката меѓу двете земји. Македонија нуди пријателска деловна средина која е привлечна за многу инвестициски иницијативи, додека Грција е зрела економија, која може да се смета како врата за влез во ЕУ, а во исто време нуди значителни можности во многу сектори како што се туризмот, транспортот и енергијата – рекол Бакацелос.
Тој нагласил дека „деловните заедници на двете земји имаат развиено добра економска соработка, која може да се надогради со цел понатамошно да се зајакнат трговските и економските односи“ меѓу двете земји.
Наумоф во својот говор ги истакнал предностите на Македонија за привлекување странски инвестиции, нагласувајќи ги исклучителните поволности, како што се слободните зони и најниските трошоци за работење во Европа, данок на добивка од 10 проценти и нула отсто за реинвестирана добивка, јавуваат грчките медиуми.
Наумоф информирал и за квалитетот на работната сила, како и за значајната географска положба на Македонија. Тој притоа истакнал дека најновиот извештај „Дуинг бизнис 2015“ на Светската банка ја рангира Република Македонија на прво место во Европа, според индикаторот отпочнување бизнис.
Осврнувајќи се на областите за можности и потенцијали во Македонија, Наумоф ги навел услугите, индустријата, новите технологии и информатичката технологија, земјоделските и биолошките производи, виното, туризмот, минералите и филмската индустрија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.