Македонскиот шампион РК Вардар во третиот натпревар од СЕХА лигата оваа сезона ја остварија и третата победа и тоа на домашен терен над екипата на Нексе со 31-28.
Во меч со многу осцилации и грешки кај двете екипи, подобро се снајдоа „црвено-црните“ кои предноста од првото полувреме (13-10) ја задржаа до крајот на мечот.
Иако во второто полувреме по 42 минута имаа предност и од седум голови (22-15), Нексе ја смени играта во одбрана која беше нерешлива енигма за избраниците на Раул Гонзалес и примија неколку лесни голови од контра. Сепак при резултат 27-25 најпрвин Дујшебаев, а потоа и Горбок во самиот финиш ја резрешија дилемата за победникот.
За одбележување е настапот на Блаженко Лацковиќ, кој постигна четири гола и полека се враќа во напаѓачки ритам, а ист број погодоци постигнаа и Душебаев, Дибиров, Горбок и Шишкарев.
Томислав Нуиќ и Дамир Халилковиќ кај Нексе беа стрелци на по пет гола на овој меч.
Следниот меч од СЕХА-лигата Вардар требаше да го игра против ППД Загреб на 12.септември, но тој меч е одложен поради тоа што двете екипи се подготвуваат за Лигата на шампионите.
Вардар во рамките од најеминентното натпреварување во првото коло и гостува на екипата на Монпелје, а овој натпревар се игра следниот викенд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.