Нов, модерен трговски и деловен центар на површина од 30 илјади квадратни метри со 350 паркинг места ќе добие општината Ѓорче Петров.
Во трговскиот центар „Емпорио“, кој е резултат на јавноприватно партнерство помеѓу општината Ѓорче Петров и градежната компанија „Трансмет“, меѓу другите, свои простории на 3.600 квадратни метри ќе добие и општината.
– Трговскиот центар ќе нуди услуги кои во моментов не се достапни во сличните центри. Станува збор за целосно опремување на просториите за ИТ компании. Тие простории мора да исполнуваат високи стандарди и потреби во своите канцеларии. Секој оној што ќе биде дел од „Емпорио“ добива многу повеќе во смисла на логистичката поддршка и услуга. Убедени сме дека центарот „Емпорио“ ќе претставува пример за домашните и за странските инвеститори за тоа како треба да изгледа еден современ трговски и деловен центар – истакна инвеститорот Сеад Кочан.
Според него, во трговскиот центар, во кој ќе има 40-ина дуќани, како и просториите за компаниите во деловниот простор, се очекува, како што рече, преку 200 индиректни и околу 20 директни вработувања кои ќе бидат логистика на трговскиот центар.
За градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Сокол Митревски, трговскиот центар „Емпорио“ ќе остане трајно обележје на општината.
– Обележје кое ќе го паметат генерациите и обележје кое ќе биде магнет за привлекување и на други странски инвестиции во Општината Ѓорче Петров – истакна Митревски.
Трговскиот центар е лоциран во најурбаниот дел од општината, со директен излез на кружниот тек, појаснуваат од компанијата „Македонија Фортон“, која е ексклузивен агент за изнајмување на трговскиот центар. Во „Емпорио“ на 1.550 квадратни метри ќе биде сместен и супермаркетот „Рамстор“, а свој простор ќе добие и една од најреномираните дрогерии во Европа, „ДМ“.
Објектот, кој треба да биде завршен до првата половина на 2017 година, ќе биде на шест надземни и на две подземни нивоа. Во првото, подземно ниво, приземјето и првиот кат ќе биде сместен трговскиот центар, а вториот, третиот, четвртиот и петтиот кат се наменети за деловниот центар. Општинската зграда е организирана на три нивоа, веднаш до трговскиот и деловен центар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



