
Колумнист: Горан Момироски
Пролетта 2011 година група новинари од повеќе редакции, на покана на Македонскиот центар за меѓународна соработка, замина во посета на главниот град на Северна Ирска, Белфаст. Целта беше да се види како функционира едно западно постконфликтно општество, кое со децении и векови живее поделено и на раб на конфликт. Целта на посетата беше да се научи нешто од судирот меѓу лојалистите и унионистите, да не се повторат грешките што граѓаните на оваа земја, дел од Британското Кралство, ги правеле и сè уште ги прават.
Неколкуте илјади жртви во конфликтот меѓу католиците и протестантите оставиле длабоки траги во заедницата, која и денес е поделена со ѕидови високи по десетина метри. Тогаш авторот на овие редови со олеснување помисли дека ете и на европска територија има бетер од Македонија и истовремено дека сè уште има надеж за нас.
Две години подоцна е јасно дека просторот за оптимизам не е голем и дека, сепак, најмалку на два часа со авион од Скопје, нема место за живеење што има толку голем потенцијал за судири по етничка и верска линија.
Насилството нема граници ниту форма, може да се појави во секој момент и на секое место каде што постои фрустрација, незадовоство или желба за одмазда. Тоа, пластично кажано, значи дека тупаницата што денеска сте ја удриле некому утре може да се врати во вид на метална прачка во главата на некој ваш близок. Или како куршум од пиштолот на некој одмаздник што си го загубил детето во меѓуетничка тепачка.
Една од причините за тоа што во конфликтот во 2001 година Македонија не ја зафати босанско или хрватско сценарио е што и покрај големиот број жртви, сепак, најголем дел од населението немаше директен контакт со убиените. Со други зборови, доколку во конфликтот место неколку стотини загинеа неколку илјади луѓе, што е доволно сите граѓани лично да познавале загинат роднина или пријател, конфликтот ќе продолжеше со години, а Македонија лесно можеше сè уште да биде бојно поле. Дури и ако конфликтот досега завршеше, законите немаше да зависат од законодавството туку од локалните господари на војната.
Среќа во несреќа беше фактот што освен во завојуваните подрачја, не гореа куќи на иселените , барем не во таа мера како што се случуваше во Книн или во Цазин. За жал, многумина не разбраа дека Македонија, освен разумот кај тогашниот претседател Трајковски и интересот на меѓународната заедница во конфликтот во 2001 година, имаше и луда среќа тој да запре пред да биде предоцна. Сите показатели велат дека ако на земјата ѝ се повтори нешто слично во услови кога граѓаните сè помалку веруваат во искрените намери за соживот, комшиите можат да се претворат во злосторници и во ѕверови. Особено ако не се чувствуваат виновни за насилството врз нив и нивните.
И сега, 11 години откако со помош на меѓународната заедница (ЕУ и САД) Македонија стана најуспешната постконфликтна приказна во Европа, која прво доби кандидатски статус и препорака за преговори за членство во Унијата, пак се соочуваме со огромен наплив на негативни емоции што се доволни за напади на случајни минувачи, кои немаат никаков контакт со напаѓачите. Страшно е што насилството се случува меѓу генерации родени при крајот на дваесеттиот век, што во нормални услови би требало да значи дека приоритет за оваа категорија граѓани треба да бидат видеоигри, социјални мрежи или обична детска љубов, а не физички пресметки.

Иако во тајниот свет на службите за контраразузнавање нема сигнали дека тие се активен дел од последните настани, речиси е сигурно дека, во најмала рака, нивните шефови се среќни од развојот на настаните во земјава. Особено треба да е задоволен јужниот сосед, кој покрај политичката криза, сега има уште еден аргумент против Македонија пред европските институции. А, држави во кои стабилноста не е постојана состојба, не се пожелни ни на Олимписки игри , а за сериозни организации како НАТО и ЕУ воопшто и не можеме да зборуваме.
Но, уште пострашно е што насилството на македонските улици не е само внатрешен проблем на македонското општество. Медиумите и особено социјалните мрежи, кои не функционираат на принцип на државни граници, туку, пред сè, врз основа на јазични и на национални врски, предизвикаа лавина реакции во соседните Албанија и Косово, каде што јавноста доби „прочистени“ информации според кои единствени жртви во Македонија се албанските деца и дека единствените што тепаат се Македонците. За однесувањето на медиумите од обете страни можат да се напишат цели фермани. Овој пат дел од нив, освен што по којзнае кој пат паднаа на испитот во спроведување на професионалните стандарди, отидоа еден чекор подалеку. Место да ги анализираат своите медиуми, кои секојдневно, со објавување непроверени приказни, предизвикаа десетици нови инциденти, дел од албанските медиуми ги обвинија македонските колеги за предизвикување насилство. Без притоа да дадат аргументи или да прецизираат кој , како и зошто го сторил тоа. А, генерализацијата е една од најголемите грешки кога се пишува за етнички или за национални теми.
Тоа што е крајно загрижувачки е и фактот што и кај Македонците, но уште помалку во албанската заедница, има сè помалку јунаци доволно храбри да кажат дека кршењето туѓа глава не може да ги реши проблемите туку само ќе ги зголеми. Една од ретките институции и организации покрај МВР, која јавно повика да не се употребува насилство, на изненадување на многумина, е Исламската верска заедница од каде што, без да прецизираат кој го предизвикал, го осудија насилството. ИВЗ, која во неколку наврати претходно дозволи да биде заеднички именител на протести, сега вербално се спротивстави на идејата за новите демонстрациите да тргнат од џамијата на Јаја-паша во Скопје. Може ли ИВЗ со поддршка од партиите и, пред сè, од родителите да спречи ново насилство на кое, сигурно, ќе биде одговорено од „другите“, ќе се знае во текот на викендот.
Ако наредната недела на овие страници повторно преовладуваат информации за жртви, напади, претепани минувачи тоа значи дека кај значителен дел од македонските граѓани нема желба за соживот. Притоа сите фер избори, политички дијалози , позитивни извештаи , пофалби од Филе и влезови во ЕУ и во НАТО не вредат ни пет пари.
(објавено во 27. број на неделникот „Република“, 8.03.2013)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


