| четврток, 6 декември 2018 |

Да зависеше од медиумите… Реалната моќ на седмата сила…

bona

Колумнист:
д-р Бона Лазар Бајрактарова
Универзитетски професор

Да беше до медиумите… Да зависеа победите од медиумското „навивање“, извештаите од разни натпревари ќе изгледаа поинаку, а прикажаните резултати ќе беа многу поинакви од реалните!

Кога би зависеле изборните резултати од медиумите, да беше толку моќна медиумската (политичка) „пропаганда“, а не реалното искуство на народот со политичките субјекти, сликата во македонското собрание – на собранискиот состав, веројатно ќе беше поинаква; барем четирипати досега! А, секако, ќе беше поинаков резултатот и од претседателските и од локалните избори во државата!

Да беше толку големо (или – исклучително важно) медиумското влијание врз мислењето на граѓаните, според сè што се пласира во опозициските медиуми, порталите против актуелната власт и премиерот – изборните резултати во земјава досега ќе беа во корист на СДСМ и на опозицијата! Црнилата, наречени говор на омраза, што неколкуте „надарени“ пера ги пласираат во државата против актуелната влада и партијата ВМРО-ДПМНЕ, речиси од нејзиното доаѓање на власт, неколкупати веќе ќе му обезбедеа победа на СДСМ, на повеќе нивоа! А, тој ги губи – па ги губи, сите избори од 2006 година досега – парламентарни (4 од 4), претседателски (2 од 2), локални (2 од 2). А, споменативе „пера“ велат, и овие наредниве (повторно вонредни, предвремени – хазардерски за опозицијата?!) парламентарни избори во 2016 година, немале шанса да ги добијат, зашто „немале“ доволно медиумски простор за себепретставување?!

НЕВИСТИНА е дека опозицијата нема доволно медиуми за самопромовирање!

• А, што ќе промовираат? Укинување на екстерното за учениците(?), државниот испит(?), /предлогот/забрана за употреба на знамето од Кутлеш во државава – на која суштински ѝ припаѓа(?), политичка, место македонска нација(?!), или виртуелно зголемување на платите во земјава?

Во Република Македонија има сосема доволно и провладини, и проопозициски медиуми. Секој тој што сака да биде добро информиран, за што било, информации добива од сите медиуми, независно дали се „маркирани“ како провладини или како проопозициски! А, реакцијата на сервираните информации, нивното прифаќање или „отфрлање“ зависи од личните ставови и критериуми, но и од личниот, или политичко/партиски интерес.

И, да не заборавиме уште нешто многу важно. Покрај медиумското информирање, граѓаните имаат можност и визуелно, на самото место да се уверат во реалноста на информациите за реализацијата на ветеното во предизборни(те) програми. И, самите да просудат… а, на избори – да пресудат! Моќта на граѓанскиот суд досега многу пати се докажа!

НЕВИСТИНА е и тврдењето на опозицијата дека во Македонија нема слобода на медиумите, дека владее медиумски мрак! (Ова им го сервираа(т) и на Репортери без граници (Д.М.)…, а, му го подметнаа и на Прибе…)

• СДСМ и другите опозиционери под „слобода“ на изразувањето подразбираат „содржина“ што одговара на нивните поимања и потреби! Тие, со задоволство би ги замолкнале сите медиумски работници, кои (за нештата во државата) имаат поинакви ставови од нивните. За неистомислениците, велат – работите ги гледале низ розови очила, ама нивните, како што се чини се – црни! Поцрнети од гневот поради политичката немоќ, поради несодветноста за која се самите виновни.

Да беше така како што велат опозиционерите, навистина да немаше слобода на мислата и на изразувањето во македонските медиуми – ќе беше ли можно проопозициските медиуми, нивни интернет-портали, да практикуваат таков непримерен говор на омраза, каков што практикуваат?! Во кои (суштински) медиуми во Европа, некој може да промовира дрскост, да повикува на насилства и на насилно уривање на легално избрана власт, како што прават нашиве опозиционери?! (Нивни невешти напади и критики не заобиколија ниту врвни уметници и професионалци во државата – ако тие, не се однесуваат според „вкусот на мудрециве“. Овие лажни пропагатори на слободната мисла во државава од Македонија направија полигон за (вежбање) девалвација и за дискредитација! Со чија дозвола?

Ех, да беше до медиумите… и до „бомбите“…

Ама не е! И, нема да биде, зашто, мора да признаеме – медиумите се моќни (седма сила, „четврта власт“) ама, сепак, треба да се калкулира со нивната реална моќ. Не, калкулантски! Не со калкулациите на арогантни поединци споменато погоре – рутинирани на ова поле, кои користат медиуми за бескрупулозно ширење дезинформации, шпекулативни конструкции за реалноста… Тие секогаш имаат свои предлози, „експертски решенија“ на проблеми и ситуации во државата, кои најчесто самите ги предизвикуваат за да извлечат корист за себе. Таквите „пера“ (било да се новинарски или други) го девалвираат медиумот, го намалуваат неговиот кредибилитет и суштина, а со тоа и влијанието врз општествените текови, случувања.

Медиумите, за среќа, не се пресуден фактор на политичкиот изборен терен. Важен, но не и пресуден!

• Медиумите се еден сегмент од демократскиот амбиент во едно (современо) општество, неопходен за неговото нормалното функционирање, развој и напредок. Ефектите (интензитетот) од медиумската дејност (од информациите, коментарите…) зависи од професионалниот кредибилитет на медиумот изграден на ниво на државата (и пошироко?), и неговата соодветност диктирана од консументите на нивниот производ – читателите, гледачите, слушателите… од реалноста на пристапот при информирањето…

Одредени новинари, професори, „аналитичари“…, поразите на парламентарните избори на СДСМ (опозицијата) во (нај)голема мера ги припишуваат на „состојбите во медиумите во Македонија“ – ама, не е така. Причината за (повторувачки) негативните изборни резултати, опозиционерите треба самите да ја откријат… Да ја бараат во својот нихилистички пристап и говорот на омраза без валидна основа; во празната политичка понуда до граѓаните (избирачите), во политичката инфериорност резултат на нивното вкупно однесување – главно, на негативното дејствување на политичката сцена во државата!

И, за крај, како заклучок. Медиумите се неспорно важен сегмент од демократскиот амбиент во едно општество. Значаен, но не единствено важен елемент во тој контекст! Нивното функционирање не е пресудно за изборниот резултат (изборна победа или пораз). Што би било, ако резултатите на спортистите место од нивните вештини, зависеа од медиумската пропаганда! Или, изборните резултати на политичките партии да зависеа само од медиумската поддршка… Да беа толку сугестибилни медиумските фалби или критики… граѓаните да решаваа според нив… Ама, не е така. Сè е до фактите, до позитивата што се нуди; реално – не вербално и преку „бомби“! Треба да се засукаат ракави; сериозно, одговорно, посветено.

Во Република Македонија, засега нема (политички) пандан на понудата и остварувањата на ВМРО-ДПМНЕ! Тука се корените на нејзините изборни победи, на нејзиниот (владејачки) статус!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top