| четврток, 6 декември 2018 |

Берба на „лалиња“ во Загреб, Македонија – Холандија 78-71

FIBA EuroBasket 2015

Кошаркарите на Македонија на Европското првенство во групата Ц што се игра во Загреб, направија голем исчекор кон осминафиналето победувајќи ја во второто коло репрезентацијата на Холандија со 78-71 и така се рехабилитираа од вчерашниот пораз од Грција.
Избраниците на селекторот Марјан Србиновски го контролираа резулатот во текот на целиот натпревар, а клучен за победата беше вториот период од играта кога нашите репрезентативци го решија во своја корист со 24-11.
Повторно како и во првиот меч на овој Евробаскет шутерите од далечина беа расположени успевајќи да реализираат 12 тројки од 30 обиди.

FIBA EuroBasket 2015

Ричард Хендрикс и Владо Илиевски кои се рековалсценти, беа во рамките на своите можности. Хендрикс оствари 10 поени уште во првото полувреме надополнети со седум скока и две блокади во многу битен период од играта, кога „лалињата“ ја намалија негативата на само шест поени во третата четвртина.

FIBA EuroBasket 2015

Капитенот Илиевски кој мораше на вчерашниот натпревар да игра со температура, очигледно е во добра кондиција и успевајќи на денешниот натпревар да реализира 14 поени, што беше најмногу во нашиот состав.
Првиот дел заврши со предност од 12 поени за „црвено-жолтите“, но Холандија се закани во третиот период успевајќи да ја намали предноста на седум коша. Сепак добрата ротација на Србиновски не дозволи да се случи чудо и до целосен пресврт.

FIBA EuroBasket 2015

Во последниот период Бојан Трајковски успешно реализираше пет поени во низа и со тоа се чини го реши победикот. Во продолжението Илиевски со смирена игра на моменти и со атракција, успешно го водеше својата репрезентација до првата победа.
Утре е слободен ден за кошаркарите, а во вторник играме против домаќинот Хрватска, а мечот е закажан за 21 часот.
Клучниот натпревар Македонија го игра во претпоследното коло против Грузија в среда, кога со победа сигурно ќе се пласира во осминафиналето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top