Селекторот на Македонската кошаркарска репрезентација Марјан Србиновски по високиот пораз од 20 разлика во увертирата на Европското првенство од Грција со 65-85 истакна дека формата на репрезентативците е во нагорна линија по неколкуте лоши резултати во подготвителниот период и дека резултатот не е реална слика од тоа што се случуваше на теренот.
Тој призна дека во финишот ги сочувал клучните играчи од дополнителен замор или евентуална повреда, откако првиот натпревар на ЕП веќе бил решен во корист на противникот.
– Сакам да им честитам на Грците за заслужената победа. Игравме добро три четвртини, имавме проблеми со скокот и нивниот пик-ен-рол, морам да кажам дека имавме доста добри моменти кога два три пати се враќавме од двоцифрена предност. Последниот период се должеше на падот во нашата игра, јас свесно ги штедев клучните играчи за утрешната средба. Знаеме дека дуелот со Холандија е клучен за нас и мораме да се фокусираме на истиот. Илиевски денеска играше со температура, а Хендрикс почувствува болка во стопалото во второто полувреме. Задоволен сум од нашето издание, но ќе мораме веднаш да го заборавиме овој натпревар штом ќе искочиме од сала и веднаш да се насочиме кон дуелот со Холандија – истакна Марјан Србиновски, селекторот на Македонија.
Тој веднаш се осврна на утрешниот натпревар кој е од круцијално значење за нашиот состав ако се сака да се продлжи настапот на Евробаскетот веднаш по групата во Загреб.
– Холандија заслужи да игра на ова Европско првенство. Игра доста брза кошарка и е одлична во транзицијата. За нив нема загубена топка и по нереализиран напад и се обидуваат да стигнат до офанзивен скок и втора шанса. Мора добро да се подготвиме психички и ако сакаме да победиме мораме да ја повториме играта како против Грција во првите три четвртини – додаде Србиновски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.