Македонија е восоко поразена во првиот натпревар од Европското првенство во кошарка што нашата репрезентација го игра во Заграб, од Грција со 65-85(16-23, 15-15, 19-21, 15-26), репрезентација што е во потесниот круг за медал на ова првенство.
„Црвено-жолтите“ го дадоа максимумот, но разликата во квалитет беше очигледна, па Грците на крајот заслужено ја забележаа првата победа, додека избраниците на Марјан Србиновски ќе се обидат да се рехабилитират веќе утре, против селекцијата на Холандија.
Нашите репрезентативци воопшто не се посрамотија во дуелот со Грција бидејќи во текот на целиот натпревар се носеа со искусните играчи на јужниот сосед, освен во последниот период од играта кога падна концетрацијата, а и силите беа при крај.
Во првото полувреме Македонија одигра одлични 20 минути и не дозволи Грција да се одлепи се до самиот финиш кога Костас Слукас постигна две тројки во серија за да го одведе својот тим на полувреме во водство од осум разлика.
Во вториот дел центрите на нашиот состав ги консолидираа редовите и не дозволија целосна доминација на јужниот сосед, сепак очигледно е дека репрезентативците изгореа од желбата да направат вистински подвиг на стартот на ова Европско првенство.
Пред самиот крај на третиот период, противникот поведе со 22 поени (57-79) што беше клучно за победникот на мечот, а до крајот на мечот сѐ што Македонија успеа да направи беше да ја намали негативата на 20 поени.
Брилијанта партија одигра Александар Костоски кој постигна 20 поени, а од остантите Војдан Стојановски додаде 13.
Во Грчкиот состав четворица играчи двоцифрен број на поени, а нив ги предводеа Принтезис и Бурусис со 18 односно 16 поени.
Македонија би се рекло клучниот натпревар го игра утре против Холандија кој започнува во 13 часот, и со евентуална победа широко ќе си ги отвори вратите за следната фаза што е се чини ќе биде голем успех за оваа подмладена генерација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.