По гостувањето на актуелниот светски првак Шпанија, утре, во Македонија следи нова ракометна грозница, на 21 април, а билетите за мечот меѓу Металург и Кјелце од четврт-финалето на ЛШ ќе чинат од 250 до 600 денари. Првиот меч е во Скопје од 17 часот, а билетите ќе се продаваат од сабота, 13 април, во сите продажни места на „Купи карти за сѐ“.
Раководството на актуелниот македонски првак ги утврди цените на влезниците за историскиот меч, во кој избраниците на Лино Червар ќе се обидат да му се одмаздат на полскиот првак, за првите два порази во групата од елитното европско натпреварување оваа сезона.
Најдобрите позиции во салата „Борис Трајковски“, крај самиот терен, ќе чинат по 600 денари, билетите за страничните трибини се по цена од 400 денари, додека со најниска цена се билетите зад еден од головите, за кои ракометните фанови во Македонија ќе треба да издвојат по 250 денари. Се очекува полна сала за огромна поддршка од трибините, во обидот Металург да се избори за историски фајналфор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


