| четврток, 6 декември 2018 |

Вардар ја почнува новата сезона со натпревар во СЕХА-лигата

Македонскиот шампион РК Вардар ја почнува новата сезона во СЕХА со натпреварот против Војводина во СЦ „Јане Сандански“ утре во 20.15 часот.
„Вардарци“ одбработија одлични подготовки со две турнирски победи во Кањижа и во Скопје и со големи амбиции влегуваат во новата сезона. „Црвено-црните“ повторно и оваа сезона ќе учествуваат на четири фронта, а приоритет е Лигата на шампионите каде што се очекува пласман за завршниот турнир во Келн.
Покрај учеството во ЛШ, Вардар го очекува настап ви СЕХА-лигата, домашното првенство и куп.

Во првиот натпревар од новата сезона, „вардарци“ ќе бидат без голманот Петар Ангелов поради повреда на грбот. Неизвесен е и настапот на десното крило Матјаж Брумен, кој има покачена температура.

Vardar rakomet pres 03 (Custom)

– Задоволен сум од подготовките што ги имавме. Работевме многу добро во претходниот период и победивме на сите контролни натпревари. На сите натпревари одигравме добро и мислам дека новата сеозна ќе биде подобра од лани – изјави Гонзалес на прес-конференцијата во пред првиот натпревар од новата сеозна во СЕХА-лигата.

Војводина првиот натпревар го одигра нерешено против Макс Струмица, но на вториот во Скопје нема што да бара, бидејќи Вардар е многу посилен противник.

– Против Војводина ќе мораме да одиграме добро во нападот затоа што тие имаат добра одбрана со силни ракометари предводени од Растворцев и тоа им овозможува да играат на брза контра. За нас е добро што ќе имаме силни натпревари пред дуелот со Монпелје во Лигата на шампионите и треба да одиме чекор по чекор напред – додава Гонзалес.

Капитенот на екипата репрезентативецот Филип Лазаров посакува новата сезона да се почне со победа и ги повикува вардаровите навивачи заедно да ја почнат сезоната.

Vardar rakomet pres 02 (Custom)

– Утре нè очекува официјалниот почеток на сезоната во мечот против Војводина. Нормално е на секој натпревар на домашен терен да одиме на победа, па така ќе биде и утре. Ја гледавме Војводина на првиот меч со Струмица. Сите екипи се желни за докажување, особено на почетокот на сезоната. Треба да бидеме внимателни и да го задржиме ритамот во кој што игравме и досега. Ги повикувам нашите навивачи заедно да ја почнеме сезоната од која очекуваме многу – изјави капитенот на Вардар, Филип Лазаров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top