| четврток, 6 декември 2018 |

Македонската филхармонија свечено ја почнува новата сезона со концертот „Ново утро“

Македонската филхармонија ја почнува новата концертна сезона 2018/2019!
На 27 септември (четврток) во 20 часот, ќе се случи свеченото отворање со концертот под наслов „Ново утро“, на кој ќе настапи врвниот пијанист од Франција, Лука Дебарг.
Дебарг, кој е лауреат на престижниот натпревар „Чајковски“, ќе го изведе најкомплексното дело за пијано, Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од рускиот композитор Сергеј Прокофјев.
На концертот „Ново утро“ ќе диригира маестро Јерухам Шаровски од Израел, а оркестарот на Македонската филхармонија по подолга пауза ќе ја изведе и романтичната и атрактивна „Фантастична симфонија“ од францускиот композитор Хектор Берлиоз.
Едно од најтешките дела во класичната литература за пијано е токму Концертот бр. 2 од рускиот композитор Сергеј Прокофјев (1891–1953). Пијанистите ќе се согласат дека тоа се однесува првенствено на техничките барања кои се на граница на изводливо. Но, покрај овој силен предизвик кон кој се приклонуваат музичките уметници, ова дело поседува и врвна естетска димензија, како и силен патос кој привлекува, затоа што младиот Прокофјев го пишувал по смртта не неговиот близок пријател, а и непосредно пред Првата светска војна (1913)…
Најпознатото дело на зачетникот на романтичарската програмска музика францускиот композитор Хектор Берлиоз (1803–1869), всушност, е автобиографски фрагмент кое се нарекува и „Епизода од животот на еден уметник“. Тоа е првото значајно дело во сферата на програмската музика, создадено во 1830 година во деновите на Јулската револуција, кога композиторот бил обземен од општата атмосфера на револуционерни воодушевувања. Како што и самиот навел во своите мемоари, „Фантастична симфонија“ е инспирирана од неговите љубовни чувства кон актерката Харијета Смитсон…

ЛУКА ДЕБАРГ

„Не се појавил пијанист кој предизвикал таква вознемиреност уште од пристигнувањето на Глен Гулд во Москва во средината на Студената војна, или од победата на Ван Клибурн на натпреварот ‘Чајковски’“, ќе напише „Хуфингтон пост“ за францускиот пијанист Лука Дебарг (1990), едно од најголемите откритија денес во сферата на пијанизмот, лауреат на 15. „Чајковски“ во 2015 година. Иако беше на четвртото место во финалето, тој беше единствениот музичар којшто беше награден во сите дисциплини од страна на московската музичка критика и опишан како пијанист со „неверојатен талент, уметничка визија и креативна слобода која ги импресионира и критичарите и публиката“.
Лука Дебарг е нова сензација во класичната музика. „Тој е фантастично надарен, оригинален е и не е скротен од академизмот“, ќе напише „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. „Шпигел“, пак, ќе додаде: „Дебарг ѝ припаѓа на лигата на шампиони меѓу пијано-виртуозите“, а „Ле поинт“ ќе заврши со зборовите: „Моќ, суптилност, контрола, имагинација, вкус: тој има сè“.
„Светот на музиката е мојот дом. Музиката е речиси мојот мајчин јазик. Ме храни…“ Со овие зборови почнува документарниот филм за Лука Дебарг, кој во едно интервју признава дека не вежбал онолку колку што треба сè додека не ја запознал неговата професорка, реномираната Рена Шерешевскаја на 20 години. Таа го поканила да студира (потоа и магистрира) во нејзината класа на престижната академија Екол Нормал во Париз и по само четири години, како едно од највидните имиња и на „Чајковски“, неговата кариера почнува рапидно да расте. Добива покани да настапува како солист со водечки оркестри во најпрестижните концертни сали во светот… Зад себе има три изданија за „Сони класикал“, а во 2017 година ја доби врвната германска награда „ЕХО класик“.

ЈЕРУХАМ ШАРОВСКИ

Роден во Буенос Аирес, Аргентина, маестро Јерухам Шаровски (1956) рано почнал да изучува музика. Студирал флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во својот град. Во почетокот на 1970-тите години емигрирал во Израел каде што дипломирал на Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим, во класата на проф. Менди Родан. Во 1990 година, Шаровски бил избран од славниот маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“ кога ја добил и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел. По турнејата во поранешната СССР, која за него била мошне значајна во кариерата, во 1991 година станал уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски, овој оркестар добил статус на еден од најпопуларните симфониски ансамбли, изведувајќи стотици дела и надвор од земјата. Од 1998 до 2004 година, маестро Шаровски раководел и со Бразилскиот симфониски оркестар на Рио де Жанеиро, со кој патувал на турнеи во Бразил и во Европа и снимил четири цедеа. Тогаш го формирал Младинскиот симфониски оркестар на Бразил, кој прераснал во еден од најпознатите ансамбли во земјата. Со БСО заминал на турнеја и во САД, каде што во Централ парк во Њујорк, како и во Линколн центар одржал концерти пред 50-илјадна публика, кои биле високо оценети од публиката и од критиката. За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со повеќе од 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радиски оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Маестро Мазел го предложил маестро Шаровски да биде и дел од жирито на интернационалниот натпревар за диригенти „Лорин Мазел“ (2002). Неговиот репертоар е широк и во однос на оперските изведби, а во последните години тој гради навистина успешна кариера на полето на едукацијата, одржувајќи мајсторски курсеви на значајни универзитети во светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top