| четврток, 6 декември 2018 |

„Македоника литера“ ја објави „Една митопоетика“ од Софија Тренчовска

Книгата „Една митопоетика“ на Софија Тренчовска неодамна излезе од печат во издание на „Македоника литера“ од Скопје.

Во првиот дел од книгата е поместено студиозното монографско истражување „Митопоетиката во раните драми на Јордан Плевнеш“ со херменевтички, митопоетски, филозофски и научен дискурс кон драмското творештво на овој македонски писател. Притоа авторката Тренчовска прави интерпретации на пиесите „Еригон“, „Мацедонише цуштенде“, „Југословенска антитеза“, „Р“ и „Слободен лов“ кои упатуваат на еден автентичен митопоетски систем.

Вториот дел на книгата е составен од три текста за делата на Војдан Чернодрински, Ѓорги Абаџиев и Коле Чашуле, во областите: театар, интермедијалност, филм и наратологија.

Рецензентот на книгата „Една митопоетика“, проф. д-р Кристина Николовска, во предговорот пишува:„…Авторската херменевтика на Тренчовска е веќе оформена и препознатлива стилема, која го краси нејзиниот подвиг и го искачува до ранг на монументалност…“

Книгата претставува своевиден прилог кон феноменологијата на новата македонска драмска книжевност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top