
Колумнист:
Ацо Станкоски
Во периодот на поп–артот и концептуализмот, како последни периоди на модернизмот, женскиот акт се врати во уметноста на голема врата. оваа тема всушност никогаш и не била дистанцирана од Историјата на уметноста. таа е секогаш тука, понекогаш прикриена и затскриена но никогаш отсутна.
Во времињата на постмодерната чија надлежност се уште го процесира нашето време во кое еклектицизмот и разните анахронизми отвораат сосема неочекувани перспективи (пред се за авангардниот естаблишмент – каков парадокс!), женскиот акт останува единствената традиционална тема што го преживеа остриот цинизам насочен најмногу кон патетичниот револуционерен културно-естетски занес на претходните генерации. Гледајќи ги актовите на л. Фројд, Г. Рихтер или Д. Хокни, разбираме дека всушност ништо суштински не се променило во Историјата на уметноста. Можеби ова тешко ќе го разбереме при една исцрпна и комплексна анализа на естетиката на нашето време. Но ако се концентрираме на Историјата на уметноста на женската (па и машката) голотија, тогаш распознаваме еден глобален тек, кој својата артикулација во простор – времето ја воспоставува во согласност со самата еротска имагинација на уметниците, и нивните парадигми во уметноста.

Маниризам
Периодот во уметноста, пред се како еден вид продолжена висока ренесанса (по Микеланџело, Веронезе и тинторето) во Историјата на Уметноста се означува како маниризам. тоа е време на големи еклектицисти, но и на неверојатни автентични пројави, како онаа на Ел Греко. Oва е период што ќе му претходи на барокот, стил во европската уметност што секако има огромно значење за „западниот“ културен карактер.
Но пред да се случат овие драматични промени – илуминативните и композициските иновации на браќата карачи, а пред се на револуционерниот гениј – караваџо, во италијанската уметност (водечка во светот во тоа време) се случуваат процеси кои се систематички одредени во однос на претходните периоди – исполнети со неверојатен изблик на креативна сила. Парадигматичните дела и автори што ја возвишија западната уметност, стоеја пред оваа нова генерација уметници (главно позиционирани околу втората половина на XVI век) како незаобиколливи модели, како совршенства на „ерата“. Ваквиот предизвик (Џорџоне, тицијан, леонардо, Рафаело, Микеланџело) останува фасцинантен (дури повеќе од тоа) до ден денешен (кога има толку многу генијални и автори за споредба) а во тоа време ефектот бил, како што сознаваме од сведоштвата, најверојатно – религиозен. Затоа и таа чудесна шематичност, еклектичност, желба за сумирање на вредностите, така штедро подарени од претходната генерација уметници (уметниците на високата ренесанса).
Но Историјата на уметноста како сублимат на дијалектичките процеси, има своја внатрешна логика која ништо не препушта на случајноста. така овие уметници – маниристи, ќе одиграат многу значајна улога во создавање на една едукативна стратегија која ќе го рашири ренесансниот академизам во останатите делови од Европа. тие ги симплифицираат големите истражувачки потфати на претходната генерација уметници и, се посветува на еден воспоставен ликовен модел кој ги презема „најдобрите“ естетски сегменти од парадигматичните дела на минатото.
Со тоа се редуцира неверојатниот синтетички гениј на високата ренесанса, но ослободена од саинтифичкиот интерес, уметноста се концентрира на исклучиво естетски проблеми. Затоа можеме да констатираме дека во времето на маниризмот, уметноста на високата ренесанса се консолидира во концентриран еклектички професионализам. Овој период ќе потрае пола век, но стилските конотации на маниризмот ќе се чувствуваат се до XIX- от век, па дури и подоцна. Пред се во уметноста на портретот и актот. А како и не би се чувствувало тоа влијание кога ќе се сетиме на префинетите дела на Анџело Бронзино, пред се на неговите скоро „прозрачни“ портрети и актови (во инкарнатот), дела што ќе станат модел за претставување на аристократијата (да се сетиме на Енгр) во понатамошните периоди (се до модерната).
Композициите на Росо Фиорентино го најавуваат барокот. Овде драматичната игра на светлото и сенката иницираат нови визии во сликарската уметност. Како што тоа го прават делата на Пармиџанино, со фигури извиени и елегантни (развивани од ликовите на Рафаело), со раскошна драперија и меко моделирани инкарнати. Периодот на маниризмот е естетски Бон-Тон и секако обид да се индивидуализира ликовната стратегија на творецот.
И токму на тој принцип почива и делото на Доменико Теотокопуло роден на Крит, кој како млад човек престојува во студиото на Тинторето. Таму тој се запознава со уметноста на високата ренесанса (Тинторето заговара синтеза помеѓу Микеланџеловиот цртеж и Тицијановите бои), а подоцна се сели во Шпанија (во Толедо) каде го добива прекарот – Ел Греко. Во Шпанија Ел Греко ќе развие стил, дотогаш невиден (исклучително смел начин на сликање) во западната уметност. Неговиот опус е круцијален за времето во кое делува, а кое го надминува со векови антиципација (како да го најавува експресионизмот и надреализмот). Секако шпанското сликарство (едно од најплодните во западната култура) може да се подели на два периода – пред Ел Греко и потоа. Сите големи уметнички личности во напредните времиња ќе се инспирираат од овој мистичен гениј.
Иако маниризмот во наредните периоди ќе добие негативни конотации (уметност на шематичноста, или уметност на празната декоративност), од примерите на опусот на Ел Греко (а и од другите значајни творци од тоа време) гледаме една голема уметност. Уметност што успева да се оттргне од страшната гравитација на генијалноста на високата ренесанса, и да создаде нови визии и нови зони на инспирација и интерпретација. (продолжува*)
*Продолженијата од фељтонот Епифанија и Епигонија ќе бидат објавувани секој понеделник
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


