
Колумнист: Горазд Чаповски
Во 2008 година, испровоциран од настаните во Букурешт, во весникот „Дневник“ објавив колумна под истиот наслов.Од тогаш помина цела петтолетка, а работите, се чини, не се помрднати од мртва точка. Македонија сè уште им робува на стереотипи и на мимикрии, опколена со сè поголеми ѕидови, би рекол, дури и бедеми. Нашиот народ вели: „Угоре високо, удолу длабоко“. Се чини дека ситуацијата доаѓа до климакс кога или ќе ги урнеме ѕидовите, или ќе удриме со главата во нив. Болните прашања отсекогаш како авет ја следат македонската кауза.Очигледно, создавањето македонска држава е ѓаволски тешка работа.
Манипулацијата отсекогаш била моќна алатка во рацете на политиката и на нејзините медиумски спинери. Политичкиот спин постои уште од антиката, тоа не е нова категорија,ексклузивна за модерното време. Денес откривањето на Бернајс, Гебелс и на чомски од нашите медиумски работници, се чини тривијално. Нивната доктрина во теоретизирањето на проблемите на модерните општества, во прв ред – на диктатурата, компарирани со македонската реалност, се чинат, во најмала рака, дефетистички. Во тој домен „проблемот со името“ е манипулација пар екселанс. Поранешниот бугарски претседател и,докажан пријател на Македонија, Жељу Желев, деновиве, можеби, ја даде најточната дефиниција за тоа што ѝ се случува на Македонија.
Распната пред срамната уцена „земи или остави“, Македонија денес и не сакајќи е доведена во ситуација да го отплеткува светскиот милиенумски Гордиев јазол. Речиси сиве овие дваесет години македонската кауза е константно нагризувана и деморализирана. Дури и конфликтот или војната — и самите не знаеме што е — му создава конфузија на Македонецот. Сè дури работите се ставаат под тепих, а се однесуваат на клучните постулати, кои се од есенцијално значење за егзистирањето на државата и на нејзината иднина, Македонецот ни теоретски не може да тргне напред. Македонските политичари „оптоварени“ во прв ред со висината на своите банкарски конта, се чини беа несвесни за манипулацијата со идентитетот на својот народ на кој и самите му припаѓаат. Во овој контекст, би го цитирал Милчо Манчевски, кој во интервју за „Гласот на Америка“ вели: „Треба да се има огромна чесност и доблест кон себе и кон другите бидејќи како мал и сиромашен, дефинитивно ќе го изедеш стапот од меѓународната заедница. Правдата секогаш била романтична, а не реална категорија. Големите центри на моќ, каде што главен императив е профитот, а не правдата и владеењето на правото, мелат сè пред себе“.
Македонија ја очекуваат избори. Иронијата, во случајов, е во тоа што сите досегашни избори носат префикс „историски“. Младата македонска демократија и политичките партии, како нејзини протагонисти, иако формално полнолетни, се однесуваат крајно инфантилно. Изборите се демократско право на граѓаните и се спроведуваат за граѓаните. Обединетите нации и Европската унија, во корелација со нашите политички елити, мораат да го затворат македонското прашање, кое, патем речено, не е само дводецениски проблем. На крајот на краиштата, Европската унија треба да го оправда добивањето на Нобеловата награда за мир.
Затоа, крајно време е политичките елити без ракавици да му ја објаснат на Македонецот ситуацијата пред која се наоѓа. Во крајна линија, ѓубрето, колку и да го потпикнуваш под тепих, секогаш излегува.
Време е за големо пролетно чистење.
(објавено во 23. број на неделникот „Република“, 8.02.2013)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


