
Колумнист: Мојсо Мојсовски
Како што е и редот, скопјани се поделени по најавата дека за надополнување на имиџот на градот се планира купување пајтон со два липицанера за туристичко разгледување. Не ми е намерата да се впуштам во анализи на реакциите pro et contra, но ќе се обидам сиот овој галиматијас да го поместам во перцепциите на мојата маленкост!
Бидејќи, судејќи по сѐ, тоа нема да биде пајтон, туку кочија (римејк на старите виенски и пештански романтични превозни средства) влечена од високи и стројни расни коњи, си го поставувам прашањето: како тоа ќе се совпадне со сѐ уште неизбледените слики на скопските пајтони во мојата глава и со сеќавањата, сѐ уште свежи и сочни, како да се од вчера! Но, ако се има имагинација и волја до тичната модерна и стегната кочија возена од белите гиздавци од виенските разгледници ќе нѐ потсетат на скопските расклимани и расшантани пајтони, најчесто со запрега од по еден коњ и тоа не баш во цутот на младоста и силата, коњска, се разбира. Ако се изостават неколкуте автобуси што ги оставиле окупаторите во безглавото повлекување и таксивозилата (како да се излезени од филмовите за Максенетовите полицајци), скопјани (кои мојата генерација ги затекна во 50тите гоини на минатиот век), главно, користеа пајтон.
Паметам само три локации во градот каде што имаше своевидни стојалишта за пајтон, а хрониките покажуваат дека во Скопје ги имало повеќе. Пајтони, на кои коњите во тие моменти на очекување на патници зобеа од широки торби врзани за главите, имаше пред Железничка, кај Офицерски, непосредно кај Кенан и Панта (за помладите чистачи на чевли и познавачи на сѐ што се случува во градот) и под арките на Камени, од левата страна на Вардар. Пајтон се пазареше за најразлични пригоди што би се рекло и за арно и за лошо! Најчесто за свадба и за крштенка, за на слава и за одење дома од меана (ако тоа може да се рече дека е праволиниско и стабилно движење) неретко сосе музиката. Неретко и за погреб и за пренос до болница и од болница. Тарифата воопшто не ја знам, а и не ме интересирала: само се прашувам како се нарачувал пајтон за ад хок превоз, друга е работата ако слезеш од воз и треба да се прeфрлиш до некоја дестинација, довде –онде?
Нека не ми биде сериозно забележано, но во Дебар маало се сеќавам само на два пајтона или на двајца пајтонџии. Едниот на улицата 29 Ноември, во близина на Учителска, а вториот на улицата што сега води кон култниот АБЦ, каде што тајфата на Џутла понекогаш игра бриџ и глад.
Имам еднодве искуства на возење со пајтон од тие времиња и ништо повеќе. Кога го испраќавме дедото за Белград и ние се качувавме со него за да го почувствуваме растојанието сѐ до Станица. Но, во неизбришливо сеќавање ми е превозот од дома до Катлановска Бања и назад по 15 дена (на здравје бања за моите и неизбришливи спомени за мене и за сестра ми). Се труцкавме со часови по коцката на стариот велешки пат, покрај Петровец, Идризово, Инџиково и Катлановско Блато (редоследот ми е апроксимативен) за да стасаме до училиштето во Катланово каде што престојувавме… Пајтонски приказни има безброј, па и оваа со новиот скопски пајтон некогаш ќе биде тоа. Не може да бараме да се труцкаме со него по калдрма, седнати на јамболија во црната кабина од кожа со фенер од двете страни до возачот, демек за ноќна вожња.
Времето си го направи своето!
(објавено во 21. број на неделникот „Република“, 25.1.2013)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


