| четврток, 6 декември 2018 |

Штетници

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Борбата со штетниците во историјата на човештвото добила речиси епски пропорции. Оваа стравотна борба, која претежно се однесува на непомирливиот интерес на луѓето со тој на разните типови инсекти, глодачи или, пак, предатори, трае со милениуми и сè уште како да нема никаков конкретен епилог на виделина. Штетниците се жилави и се котат, а нивниот енормен апетит им дава лудачка смелост, која не може да биде дефинитивно совладана од човекот, и покрај развојот на науката и високософистицираните технологии за уништување што човештвото катадневно ги усовршува. Сепак, оваа пат-позиција е дел од волјата на провидението, од силата на природата, која постојано и постојано му покажува на човека дека тој самиот е еден сосема мал и минорен дел од неа и дека и покрај неговата умислена семожност, е целосно зависен од природните хармонии и сосема слаб и мизерен во однос на природните стихии. За илустрација, доволно е да претпоставиме дека само еден фатален удар на метеор со дијаметар од десетина километри во планетава може да ѝ стави крај на нејзината биосфера, во која во целост спаѓаме и ние, луѓето, засекогаш. Настрана што науката децидно ни покажува дека вакви парчиња тврда материја само во нашиов Сончев систем има на милијарди, а нивните траектории се тешко пресметливи и непредвидливи, што заради нивниот огромен број, што поради нивните хаотични движења.

Сепак, ретко кој се занимава со овие можности, страшни и ужасни.

Главно, луѓето се окупирани со себе самите, со нивните сопствени афери и антагонизми, со нивните ситни опортунизми и конфликти на интереси.

Дури и нашите биолошки роднини, во однос на синџирот на еволуцијата, не се некој голем предизвик за длабоки дебати. Овие природни штетници стануваат актуелни во времињата кога ќе се појават конкретни закани, какви се наездата на стаорци и глувци, навалите на јата скакулци или комарци или, пак, офанзивата на други видови штетници што се дел од природата и животот, што сите ние, жители на планетава, недвојбено го споделуваме.

Ретко кој од луѓето, освен одредени специјалисти и стручњаци, сакаат да се заморуваат со феномените на природните стихии. Веројатно, поради тоа што се чувствуваат слаби и неспособни за целосна доминација врз овие закани, а помалку е и депресивно да се најдете во една можна реалност, во која немате никаков механизам на контрола со кој суверено управувате.

Затоа, еве ви ги општествените и политичките афери. Еве ви ја реалноста, создадена од човековите усилби и копнежите за да се соочувате со нив. А и во оваа хумана општествено-културна и политичка реалност има ужасно многу штетници. Доволно е да се осврнеме на историјата и да видиме како овие штетни антропоморфни суштества излегуваат на виделина како стаорци или глувци, како напаѓаат како комарци, подготвени повторно и одново да ви ја цицаат крвта.

И токму овие штетници пак се појавија во овие месеци, јаросни и стрвни, гладни до лудило, готови да преземат и најбезобразни акти, само да дојдат до тоа што најмногу ги интересира, до моќта да ги управуваат општествените текови, да зафаќаат економски интерес што ги примирува и хармонизира, да диктираат со политичките структури на градот и на селото, да бидат круцијален фактор во сите сфери на човековото битисување и, воопшто, нивната реч да биде последна.

А одамна не се крмеле така, како што сакаат, или, како што велат самите – како што им прилега.

Зошто тие биле предодредени да владеат, дека биле супериорни и доминантни во секоја смисла над тие простаци, над тие селанчишта што пред девет години им ја презеле власта, им го украле шоуто, во кое само тие, надмоќните, наследниците на комесарите, потомците на црвената буржоазија можеле да бидат достојни да ја водат државата и да прибираат арач.

А, еве, веќе девет и пол години нема некое поголемо полнење на нивните дисаѓи. Залудно големиот рептилоиден газда и неговите финансиски инјекции, џабе амбасадорите и нивните прилози, сето ова за нив е малку. Стасува само да преживеат, да бидат, барем за момент, au niveau, да мрдаат и да можат некако да го сензибилизираат гневот на граѓаните, да го инфицираат народот со своето стравотно незадоволство, со својата ужасна празнина и стрвност.

Во секој случај, овој табиет на човеколикиве штетници не е од вчера. Во прашање е цела една повест, една чудесна елипса на нивните тенденции и дејства.

Оваа историја почнува уште од 1945 година, кога нивните дедовци ги истребија сите доследни македонски борци за слобода, а потоа се нафрлија врз имотот на идеолошкиот непријател низ фамозната национализација.

Така експропријацијата на имотот на македонските граѓани стана државна доктрина, а, тие, предците на овие денешни суперштетници, станаа олицетворение на самата држава.

Тие, комунистите, на чудесен начин се трансформираа во ситни и мултиплицирани копии на фамозниот француски монарх, Луј Шеснаесетти, кој еднаш беше изјавил – „L’état, C’est Moi“ – или – „Државата, тоа сум јас“.

Потоа нивната утопија се распадна, а, тие – штетнициве, брзо се префабрикуваа од комунисти во капиталисти и си го присвоија колективниот имот за ич пари. Така кругот се затвори, а разбојништвото, почнато од нивните дедовци во 40-тите, се доврши од внуците во 90-тите години на минатиот век.

Но, тоа не е доволно. Ним никогаш не им е доволно. Нивните дигестивни системи се лавиринти без крај, а гладот е константно присутен во нивниот живот на штетници од невидени размери.

Но народот ги виде, ги идентификува и ги преброи.

Доволно изигруваме идиоти и кретени пред безобразните стратегии на овие ненаситни штетници. Време е да ѝ се стави крај на нивната ненаситност – и тоа најконсеквентно, со целосно маргинализирање на нивните политички акции.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top