| четврток, 6 декември 2018 |

Во Скопје во септември ќе се одржи третата научна конференција „Идентитет и култура“

Од 3 до 5 септември 2015 година во Скопје (хотел Континентал) Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС) ќе ја организира Третата годишна меѓународна научна конференција насловена како „Идентитет и култура“ 2015.

На конференцијата, годинава се очекува учество на околу 250 релевантни научни работници од признати универзитети, институти и културни институции од повеќе земји од светот, меѓу кои Русија, САД, Австралија, Малезија, Бразил, Сингапур, како и од земјите на Западна и Источна Европа, Балканот, и од нашата земја.

Целта на конференцијата, како и секоја година, е да постави релевантни и актуелни прашања. И оваа година научниците, во три дена научна дебата, ќе ги изложат своите мислења околу поимите идентитет и култура и истите ќе ги спротивстават, поставувајќи ги следниве прашања: Што претставува идентитетот? Каков е односот меѓу културата и идентитетот? Како културата го определува идентитетот? Дали идентитетот се одразува во културата? Дали идентитетот е биолошки детерминиран или е конструиран? Зошто сѐ почесто зборуваме за идентитети (во множина), а не за идентитет (во еднина)? Како етничките групи го штитат својот идентитет од промени? Која е улогата на медиумите во идентитетските процеси?, итн.

untitled-69

Заради различните перцепции и концептуализации на идентитетот, пријавените реферати се поделени во поголем број сесии и поимот идентитет ќе го разгледуваат со следниве концепти: традицијата и културното наследство; политиките и меморијата; миграциите, дијаспората и малцинствата; граѓанството и територијата; простор/местото и архитектурата;  глобализацијата; медиумите; јазикот и комуникациите; родот, литературата и репрезентациите; знаењето и образованието, популарната култура.

На свеченото отворање, на 3 септември, во 9.30 часот, во хотел Континентал, ќе се обратат претседателката на ЦККС, Лорета Георгиевска-Јаковлева и потпретседателот на ЦККС, Мишел Павловски.

Според претседателката на ЦККС, Лорета Георгиевска -Јаковлева, „релациите меѓу идентитетот и културата стануваат значајни по распадот на големите сили и падот на Берлинскиот ѕид, а се актуализираат и со обединувањето на Европа, засилените миграции, а во последно време и со големата бегалска криза. Очигледно е дека светот се менува, а секоја од националните држави се стреми што подобро да се позиционира во новиот глобален поредок. Во таа смисла, една од алатките за таквото позиционирање се и идентитетските маркери, кои можат да бидат места за национална афирмација, но и места на криза. Оттука, теоретското расветлување на односите помеѓу културата, идентитетот и општествата се исклучително значајни. Република Македонија, и не само таа, посебно е засегната од ова прашање, зошто секогаш кога се создаваат нови односи како да се будат старите, историски условени предрасуди, асимилациски копнежи и националистички мечти на соседните земји“.

Потпретседателот на ЦККС, Мишел Павловски вели дека значаен аспект на конференцијата ќе биде и односот помеѓу личните и колективните идентитети, кои, во крајна линија се формираат во културата. Предмет на интерес ќе биде и уметничката експресија, како аспект на личната заложба во корелација со општествените случувања. Медиумите, како алатка за (ре)креирање на идентитетети земаат значајно место во понудените реферати.

Како новина, на отворањето на годинешнава конференција ќе излагаат двајца воведни предавачи: Милена Драгичевиќ-Шешиќ, професорка на Универзитетот за уметност во Белград, Србија и претседател на УНЕСКО за културни политики и менаџмент, и Гај Старки, истакнатиот британски професор по медиуми и член на тесното раководство на ЕКРЕА.

Покрај официјалната програма, која ќе се одвива три дена и на три јазици (македонски, англиски и руски), конференцијата и оваа година во оф-програмата на странските учесници ќе им ги понуди природните и културните убавини на Матка и Охрид.

Центарот за култура и културолошки студии секоја година преку своите конференции се обидува да постави интересни теми за дебата пред светската научна јавност и трета година по ред успева во тоа заради големото присуство на културолози и други научни работници од целиот свет присутни на конференциите и богатата продукција на научни трудови кои произлегуваат од истите.

Поставувајќи ги прашањата за Културната меморија во 2013 година, Медиумите 2014 и Идентитетот и културата 2015, Центарот успешно ја промовира Македонија на научната културолошка мапа, и за првпат придонесе и за пошироко разбирање и развој на оваа област во нашата земја.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top