| четврток, 6 декември 2018 |

Меѓународен научен собир „Културата на распродажба: Консумеризмот и комерцијализацијата на културните продукти“

Институтот за македонска литература (ИМЛ) во Скопје денеска и утре организира Меѓународниот научен собир со дебата на тема „Културата на распродажба: Консумеризмот и комерцијализацијата на културните продукти“, по повод јубилејот 10 години културолошки студии при Институтот.

Според ИМЛ, темата на собирот е исклучително актуелна и се однесува на научно проследување на културата во Македонија од аспект на нејзината релација со пазарното општество и актуелните општествени процеси врзани со консумеризмот и комерцијализацијата на културните продукти.

-Целта е да се прикажат карактеристиките на потрошувачката култура, културата во која сите симболи, вредности, верувања и норми се одредени од конзумеризмот и вкусот на масовната публика, од спектакуларната визуелизација и гламурозното прикажување на културните продукти и сеопфатноста на потрошувачката. Притоа, ќе бидат отворени повеќе провокативни прашања како проценка на уметноста, конзумирање и инвестирање во уметноста, економија на наградите во културата, културните продукти во интернационалниот пазарен систем, бестселери и блокбастери, новата технологија и промените во перцепциите за уметничката вредност, новите медиуми итн., наведуваат од Институтот.

На собирот е најавено учеството на триесетина професори, научници, културни работници и експерти од повеќе сфери на културата, како и постдипломци и докторанти на културолошките студии, а ќе понуди современа анализа на културата во Македонија во однос на пазарното општество. Имајќи ги во предвид различните профили на учесниците, собирот ќе биде интердисциплинарен по својот состав, вклучувајќи историчари на уметност, медиумски работници, културолошки истражувачи, писатели, издавачи, филозофи, адвертајзинг и маркетинг стручњаци итн.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top