Добитникот на наградата „Златен венец“ на годинашните Струшки вечери на поезијата, гостува во Друштвото на писателите на Македонија, каде љубителите на литературата во главниот град на нашава земја можеа да го проследат портретот на Беи Дао, еден од најголемите современи поети во светот. На средбата за творештвото на Беи Дао зборуваа претседателот на ДПМ Веле Смилевски, претседателот на СВП Славе Ѓорѓо Димоски и директорот на манифестацијата, Мите Стефовски, а стиховите ќе ги интерпретира артистот Роберт Вељановски. Книжевната средба во домот на писателите е чин на прогласување на Беи Дао за почесен член на ДПМ. Притоа кинескиот поет имаше разговор со претставници на македонската писателска асоцијација.

Македонските писатели упатија порака до Беи Дао во која, меѓудругото, се вели: „Почитуван поете Беи Дао, вие сте еден од оние кои смело пливаат спроти струјата во поплавата на глобализацијата. Ваквите средби, како денешнава, во домот на македонските писатели, имаат особено значење со оглед на новите тенденции на глобализацијата и реалната опасност од засенување на спецификите на различните традиции, литератури и култури кои претставуваат цивилизациска придобивка и богатство на светот“.

Натаму во пораката до Беи Дао, годинашен добитник на наградата „Златен венец“ на СВП, се вели:
„Во обраќањето по повод добивањето на високото признание за вашиот творешки опус, вие глобализацијата ја гледате како огромен континент, а спасот го препознавате во поезијата која, според вас, ги претставува островите што го зачувуваат својот дух. И велите дека ‘во оваа посебна смисла, јас навистина припаѓам на вашата страна’. Ви благодариме поете Беи Дао, бидејќи вие на посреден начин ги бришете условните граници меѓу големите и малите литератури и култури, ставајќи го акцентот на спецификите и вредностите на секоја од нив. Вашите подадени раце се раце на разбирање, на дијалог, на соработка, на меѓусебно запознавање и зближување.“

На чинот на прогласувањето за почесен член на Друштвото на писателите на Македонија, на поетот Беи Дао ќе му биде предаден зборникот „Македонски писатели“, објавен на македонски и на англиски јазик, како и најновиот број на книжевната ревија „Стожер“, исто така издание на ДПМ, на чии страници е објавен избор од неговата поезија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Почина албанскиот поет Фатос Арапи, добитник на „Златен венец“ на СВП
-
Промоција на најновата книга „Липите кај Сарај куќа“ на Лидија Дочовска Павловска во ДПМ
-
Загајевски стана почесен член на Друштвото на писатели на Македонија
-
„Струшки вечери на поезијата“ денеска во Скопје: Наместо пред Камениот мост поетите ќе читаат во Даут-пашин амам


