| четврток, 6 декември 2018 |

Предностите на мнозинскиот изборен модел

Timco-Mucunski-90x120

Тимчо Муцунски

Пред парламентарните избори, кои е договорено да се одржат во април в година, политичките партии што се учесници во политичкиот дијалог, но и помалите, кои се заинтересирани за промени на изборниот систем/изборниот модел почнаа отворено да расправаат за ова прашање. Во наведениот контекст најчесто се зборува или коментира на темите што се поврзани со степенот на моќта во рамките на трите столба на власта во државата, можностите и потребите за зголемување на конкуренцијата, а со тоа и квалитетот на политичко дејствување, отворање нов маневарски простор за ширење на непосредната демократија итн.

Познато ни е дека во изминатите дваесетина години изборниот систем во Македонија во повеќе наврати беше менуван, а самата практика како да упатува на заклучокот дека сѐ уште не е пронајден идеалниот систем, од кој мнозинството граѓани и политички партии ќе бидат задоволни.

Сериозна задача за стручњаците, познавачите и аналитичарите што се занимаваат со уставно-правната материја и политички систем, во наредниот период, очигледно, ќе биде впуштање во анализа и барање на најсоодветно решение преку кое би можело да дефинира јасен изборен систем што ѝ е потребен на Македонија, односно решение што истовремено ќе биде во согласност со уставно-правниот поредок, заснован на јасно поставени правила и принципи, децидни контролни механизми за одговорно извршување на власта во државата и зголемено нивото на одговорност кон граѓаните.

Актуелниот пропорционален модел делумно го нарушува непосредниот контакт и однос меѓу граѓаните што, од една страна, избираат (гласачите) и граѓаните што, од друга страна, треба да бидат избрани (пратеници), за сметка на зголеменото ниво на неминовна политизација на општеството и зголемувањето на авторитетот на политичките партии и нивното лидерство.

Класичниот мнозински изборен модел не е ништо ново за Република Македонија и кај нас тој веќе беше во функција и практично е испробан во два изборни циклуса за избор на пратеници на Собранието на Република Македонија. Како и секој изборен модел, така и мнозинскиот систем има повеќе значајни компаративни предности во однос на пропорционалниот и на мешовитиот, а кои мислам дека се од исклучително значење во насока на градење на демократски изборен модел, кој, пред сѐ, би бил во интерес на граѓаните.

Од долгогодишното искуство на високоразвиените демократски држави би можело да се произведе заклучок дека главната придобивка од мнозинскиот изборен модел е непосредниот однос меѓу пратеникот и гласачот, високото ниво на одговорност во однос на изборната единица што ја претставува пратеникот, изборот на личноста што е кандидат за пратеник и неговите персонални квалитети, кои се со исклучително значење за дадениот глас, можноста пратениците непосредно да бидат запознаени со проблемите на граѓаните, но и активно да се вклучат во нивно побрзо и ефикасно разрешување.

Проблемите што произлегуваат од потребата за можно организирање втор дополнителен круг на гласање, како и потребата во случај на напуштање на пратеничкото место да треба да се организираат дополнителни избори во определената изборна единица, се минорни во поглед на придобивките што ќе ги имаат граѓаните од остварувањето на непосредната комуникација со избраните пратеници.

Со мнозинскиот систем сите кандидати за пратеници и сите политички партии се ставаат во рамноправна позиција и, очигледно, ќе бидат принудени кандидатите за пратеници да ги бараат во лицето на професионално и морално квалитетни кадри, кои ефектно и ефикасно ќе ги претставуваат нивните интереси и интересите на граѓаните во рамките на извршувањето на нивниот мандат во највисокиот законодавен дом на државата.

Демократичноста на мнозинскиот модел јасно се огледа и во можностите (доколку се предвидат во Изборниот законик) за одземање на мандатот на пратеникот од страна на граѓаните во случај на негово неодговорно, нетранспарентно и непрофесионално извршување на пратеничката функција.

Не треба да се запостави и фактот дека со примената на мнозинскиот систем се отвора и можноста за избор на независни кандидати, но и кандидати на помали политички партии, кои настапувајќи самостојно на изборите имаат многу поголеми шанси да изборат пратенички мандати и притоа да создадат посилен простор за свое парламентарно дејствување.

Можеме да констатираме дека иницијативата за промена на изборниот модел од пропорционален во мнозински доаѓа во вистинско време и дека неговото спроведување ќе внесе новата свежина на политичката сцена и ќе отвори дополнителен простор за вклучување искусни, стручни, млади и квалитетни кадри. Сите очекуваме следните парламентарни избори да бидат спроведени ефикасно и да бидат прогласени како мирни, фер, демократски и легитимни, да бидат увод во постепено надминување на актуелните меѓупартиски тензии, да го унапредат вистинскиот политички дијалог, да го збогатат демократскиот амбиент во државата, да го овозможат непречениот економски развој и забрзаното остварување на евроатлантските перспективи на Република Македонија.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top