Колку и да изгледа неверојатно но постојат податоци дека во Македонија престојувала една од клучните личности во христијанството, а тоа е лично света Марија Богородица! Денес е зачувано житието (биографијата) на света Богородица во кое е опишан нејзиниот живот од раѓањето, па се до нејзината смрт. Овде подетално се опишани настаните од животот на света Богородица, што се одиграле по распнувањето и воскреснувањето на Исус Христос. Имено, света Богородица, заедно со апостолите и останатите христијани, продолжила да го шири христијанството се до својата смрт.
Таа главно го проповедала Божјото Слово во Палестина, но во еден миг решила да отпатува кај своите приврзаници на Кипар, кои постојано ја канеле. За време на патувањето на Кипар, света Богородица накратко престојувала и во Македонија (конкретно на Света Гора, Атос или Атон на полуостровот Халкидик). Во книгата “Житија на светците за месец август” (д-р Јустин Поповиќ, Белград, 1976) во прегледот на настаните од нејзиниот живот, во врска со ова пишува:
“Се зборува дека Пресвета Богородица била на островот Кипар кај свети Лазар Четвородневни, кој таму беше епископ, како и на Света Гора Атонска (Македонија, з.м!)”.
Посетата на света Богородица на Македонија детално е опишана во нејзината биографијата од светогорскиот инок свети Стефан. Во врска со посетата на света Богородица на Македонија, свети Стефан пишува:
“Преблагословената Богородица се качи на коработ, заедно со возљубениот ученик Христов, девствениот Јован и со останатите нивни побожни следбеници. Коработ заплови кон Кипар, но ненадејно дувна спротивен ветер и го втера коработ во пристаништето на Атонска Гора (Македонија, з.м.). Тоа беше она што ангелот и го претскажа на Пречиста Богородица. Целата Атонска Гора беше преполна со идоли: таму се наоѓаше големо светилиште на Аполон, каде што се одвиваа гатања, магии и многу други демонски дејствија. Сите незнабошци многу го почитуваа тоа место како одбрано од боговите…”
Во продолжение читаме дека, кога Македонците разбрале дека во нашата земја стигнала света Богородица, во голем број излегле да ја пречекаат и да ја видат. Во врска со ова свети Стефан пишува:
“Сите отрчаа кон морскиот брег во спомнатото пристаниште. Здогледувајќи го коработ и Мајката Божја, тие чесно ја примија и на својот собир ја прашаа: ‘Каков Бог си родила и како да го именуваме?’ Пресвета Богородица, отворајќи ја својата божествена уста му благовести на народот се за Исус Христос. Тогаш сиот народ падна на земја и сите и се поклонија и и укажаа големи почести – нејзе што Го роди. И поверувајќи и тие се крстија бидејќи многу чуда направи Мајката Божја”.
Света Богородица била видно троганта од ваквиот прием од страна на Македонците. Поради ова таа им се обратила со зборовите:
“Ова место нека биде дел од мене и од Мојот Син и Мој Бог. Божјата Благодет нека владее со ова место и со овдешните жители, кои со вера и со побожност се држат до заповедите на мојот Син и мој Бог. Се што ќе им треба за животот на Земјата тие ќе го имаат во изобилство и без некој поголем труд и ќе им биде поодготвен животот небески и до крајот на векот нема да ја отстапат од ова место милоста на мојот Син, а јас ќе бидам заштитничка на ова место и негова сесрдна застапничка пред Бога”. (Житија… август, стр. 254-256).
Потоа света Богородица им оставила на Македонците за учител еден од своите следбеници и повторно ги благословила. Во продолжение читаме дека света Богородица влегла во коработ и отпатувала за Кипар.
Во врска со ова се поставуваат неколку прашања. Како прво: на кој јазик света Богородица разговарала со Македонците? Дали таа разговарала со Македонците на арамејскиот јазик, при што некој од нејзината придружба им го преведувал тоа што таа го зборувала? Иако оваа претпоставка може да се прифати, мислам дека не треба да се отфрли ни претпоставката дека света Богородица добро го зборувала јазикот коине, т.е. јазикот што токму Македонците своевремено го наложиле во Светата земја во времето додека околу три века владееле таму (што е детално опишано од најпознатиот антички еврејски историчар Јосиф Флавиј). Знаеме дека света Богородица, пред да го роди Исус, над една деценија живеела во храм. Таа таму цело време го проучувала Стариот Завет. Поради фактот што некои делови од Стариот Завет во оригинал биле напишани на јазикот коине, сосема е можно дека света Богородица ги читала нив во оригинал, откако претходно го научила овој јазик (за што, впрочем, имала доста време). Иако е добро познат нејзиниот родослов, интересно е тоа што една нејзина тетка носела име со балканско потекло (Софија).
Света Богородица ја посетила Македонија во првиот век, а тоа е токму во времето за кое во Македонија и натаму живееле античките Македонци, иако се наоѓале под римска власт. Нивниот живот под Римјаните бил исклучително тежок, но тие веќе немале сили да кренат ново востание против овој суров режим. Можеби затоа Македонците со радост ја пречекале света Богородица. Таа и самата потекнувала од земја што се наоѓала под ропство на Римјаните, а новата христијанска вера ги поистоветувала сите луѓе пред Бога – робовите и господарите. Токму затоа Македонците го прифаќале христијанството, гледајќи во него спас од својата тешка состојба.
Посетата на света Богородица на Македонија официјално е призната и од страна на Македонската Православна Црква, иако мислам дека МПЦ треба многу повеќе да го користи и експлоатира пред домашната и светска јавност овој сензационален податок.
Како доказ за ова ќе го посочиме спомнатиот Алманах на 25-ти јубилеен Црковно-народен собир (објавен како издание на МПЦ). Во врска со посетата на света Богородица на нашата земја во овој Алманах (стр. 9), читаме:
“Мајката Божја, Пресветата Богородица со стапнувањето (присуството) свое на македонската земја, ја благослови и таа постана света земја, матица на христијанството за Европа”.
Впрочем, дека света Богородица и навистина патувала вон Палестина (заедно со свети Јован Богослов) доказ е и куќата каде таа престојувала во малоазискиот град Ефес, кој денес се наоѓа во Турција близу брегот на Егејско Море. Оваа куќа и денес постои и истата се наоѓа под заштита на турската држава, а таму деноноќно се присутни и официјални претставници на Католичката Црква. Популарно е позната како “Куќата на света Богородица”. Се смета дека во неа света Богородица ги поминала последните мигови од својот живот. Куќата на света Богородица се наоѓа на планината Билбил на 420 метри надморска височина. Оваа куќа била откриена од лазаријанските свештеници во 1891 година и во неа до денес постојано доаѓаат на поклонение илјадници христијани (но и муслимани) од целиот свет, меѓу кои и авторот на овие редови. Значи, штом света Богородица престојувала во Ефес и штом овој податок денес е признат не само од христијаните, туку и од муслиманите, а секако и од официјалната турска власт, нема причина да не веруваме дека таа и навистина престојувала и во Македонија, која е само неколку стотини километри оддалечена од Ефес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.