Минатонеделната најава од Белград дека Грција била принудена од меѓународните кредитори и од ЕУ да го признае Косово ако сака да добие нов пакет помош, ги зголемува стравовите дека Македонија наскоро би можела да биде принудена да биде дел од поширок регионален пакет во кој во исто време би се решиле отворените прашања како што се статусот на Република Српска, владението на Северно Косово и на српските општини, спорот за името Македонија, грчко-албанскиот спор во Јонското Море богато со нафта и гас, кипарското прашање и конфликтот за дел од егејските острови меѓу Грција и Турција.
Доколку информациите на косовските и на српските медиуми се точни, со барањето Грција да го признае Косово, Европската унија ќе направи чекор кон таквиот начин на размислување во кој, во рамки на еден конфликт вметнува и други релативно помалку важни прашања со цел да се искористат позициите на немоќ на дел од државите и да се надминат напластените проблеми. И покрај тоа што грчкиот амбасадор во Белград тврдеше дека Грција не го менува својот став за непризнавање на Косово, сепак, официјална Атина со поддршката за влез на Приштина во меѓународните организации и со отворање на канцеларија за врски, односно неформална амбасада, де факто ја призна најмладата европска држава што и покрај негодувањето на Белград е добро за релаксирањето на односите во регионот.
Она што е чудно за Македонија, е прашањето зошто Европската унија, користејќи го механизмот на принуда за Косово, не побарала од Грција да ја признае и Македонија под уставното име или барем да прифати разумен компромис кој на двете земји би им дал можност да тврдат дека се победници во долгогодишниот спор. Се разбира дека признавањето на Косово ниту оддалеку не е толку емотивно прашање за грчките граѓани како што е прашањето за името на Македонија, ниту пак можноста на ЕУ да бара нови концесии од Атина е истечена, но, сепак, очигледно е дека Македонија, дури и да биде дел од некаков сличен пакет, ќе треба да се откаже и од нешто свое.
Генерално, на Македонија не ѝ одговара да биде дел од поширок пакет за решение на балканските проблеми. Освен ирационалните проблеми со Србија за црквата, со Бугарија за националните прашања и со Албанија за тоа кој прв се населил на овие простори, што е дел од политичкиот фолклор, Македонија нема други територијални или економски спорови со соседите со кои ќе може да тргува. Со тоа и можноста за маневар и за трговија во евентуален пакет за решение е значително намалена. Во отсуство на вистински пријатели на меѓународната сцена и гаранти кои ќе застанат зад нас во фер и правично решение на името за Македонија, какво било вплеткување во пакет за решение на проблемот ќе биде авантура. Од тој аспект, критичарите на Брисел, кои од Грција бараат признавање на Косово, а не и решение на името, треба да бидат повнимателни доколку не ги знаат сите можни сценарија, некои од нив црни за Македонија. Дури и Турција како единствен македонски пријател, кој и во НАТО и во други меѓународни институции и организации секогаш принципиелно е на страната на Македонија, не е во можност да гарантира дека Македонија нема да биде во позитива од ваков развој на настаните. Притисната од внатрешните проблеми со курдското малцинство, директно вмешана во вооружени операции во Сирија и во Ирак, соочена со нови избори во кои Ердоган може да го добие потребното мнозинство, но може и целосно да ја изгуби контролата на парламентот, тешко е да се претпостави како Турција би се поставила кон македонските проблеми ако на масата се и други, за неа, витални прашања.
(Текст објавен во 155. број на неделникот Република, 21.08.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.