| четврток, 6 декември 2018 |

В среда промоција на првиот роман „Кругови“ на Тина Иванова

В среда, 3 април, во 20 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи промоција на дебитантскиот роман „Кругови“ на Тина Иванова, во издание на „Или-или“. Промотор на книгата ќе биде Александар Прокопиев, а настанот ќе биде надополнет со звуците од диџеј-сетот на Александар Сандревски-Марсо (Канал 103).

Ова е четиринаесеттата книга од домашен автор во едицијата „ПРОаЗА“, односно 71 наслов на издавачката куќа „Или-или“, која продолжува со поддршката на новата генерација на домашни автори кои наоѓаат закрила токму во популарната прозна едиција на оваа скопска издавачка куќа, издавајќи ги своите први или втори дела кои наидуваат на одличен прием кај читателите.

KORICA Krugovi

„Она што го одликува кусиот роман „Кругови“ е што на мал број страници се прикажува еден свет на секојдневјето скопско, современо, денешно, што не е само одраз на сегашниот живот на главната јунакиња, туку и средба со некои вечни дилеми, што веројатно го мачат посензитивниот и поумен човек, секогаш. Притоа, би истакнал една специфична карактеристика на Иванова што мене многу ми се допадна. Тоа е користењето на јазикот. Имено, таа не спаѓа во оние писатели кои би копале во некои архаизми или дијалектизми, но нејзиниот јазик е многу сочен. Тоа е едноставно затоа што има внатрешна поткрепа, дејствува многу индивидуално и лично, од една страна, и препознатливо, од друга страна“, вели рецензентот Александар Прокопиев за книгата на Иванова.

Тина Иванова е родена во 1976 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсекот за музикологија. Од основањето до денес работи како новинарка и музичка критичарка во дневниот весник „Утрински весник“, каде што четири години беше и уредничка на културната рубрика. Авторка е на книгата „Документ 103“, за која ја доби државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“. Новелата „Кругови“ е нејзина прва литературна објава.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top