Предлагаме мнозински изборен модел и 17 дополнителни пратенички места за онаа партија која ќе победи на изборите со што ќе се обезбеди стабилна влада, изјави денеска премиерот Никола Груевски. Тој појасни дека тоа е предлогот што ВМРО-ДПМНЕ го дале во рамки на разговорите за изборниот модел кои се во тек.
– Мнозинскиот модел го имаат многу држави и успешно функционира, а ние го имаме во нашата земја и сега при изборот на градоначалници. Градоначалниците се избираат по мнозински систем, а исто така и пратениците од дијаспората. Така што имаме искуство со тоа, имавме искуство и во минатото и нашиот предлог е да се оди на мнозински систем затоа што до израз во голема мера доаѓа и личност која граѓаните ја бираат за пратеник, изјави премиерот Груевски при денешната посета на општина Студеничани.
Тој додаде дека денеска би дал уште една понуда и појасни дека тоа е тоа е можноста која ја има во некои држави и предвидува победничката партија да добие плус 17 пратеници за стабилност на владата која што ќе работи.
– СДСМ тврдат дека ќе бидат победници на наредните избори. Тоа е нивно право да го тврдат тоа, но доколку веруваат навистина дека ќе бидат победници, ние им нудиме да изгласаме закон со кој победничката партија кога ќе завршат изборите да добие плус 17 пратеници. Со тоа се формира стабилна влада и нема изговор потоа зошто не се реализирале некои проекти. Значи, таа стабилна влада ќе обезбеди четиригодишен мандат, ќе обезбеди да нема можност за уцени од некои помали партии, ќе имаат сериозно мнозинство, ќе имаат стабилност, државата ќе има стабилност и таа влада би можела да функционира целосно фокусирана на решавање на проблемите на граѓаните, рече Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.