Стефан од Скопје или Суфијан, како што е неговото муслиманско име, кој беше уапсен заедно со уште осум лица осомничени дека војувале или регрутирале лица за да војуваат во Сирија, е само еден од преобратените православни Македонци кои го прифатиле радикалниот ислам за кој учеле под закрилата на Тутунсуз-џамијата, но и во други објекти во Скопје. Се претпоставува дека меѓу нив има триесетина, порано православни лица, кои претежно се интелектуалци и потекнуваат од добро ситуирани семејства, а меѓу кои има и девојки. Во Македонија не постои статистика за ова прашање. Немаат ни во Заводот за статистика, а бројки за тоа колкумина преминале од една вера во друга немаат ни во Македонската православна црква – Охридска архиепископија, ниту во Исламската верска заедница. Научно кажано, преобратеник или конвертит е тој што преминува од една вера во друга.
Како Стефан станал Суфијан не се свесни ниту неговите родители. Тој дипломирал медицина, но не работел. Родителите го молеле да се оттргне од џамијата. Бил нормално дете, спортист, без афинитети кон религијата. Родителите велат дека подоцна ги проучил религиите и така го избрал исламот. Дома никогаш не негирал дека е муслиман, се држел до адетите, постел за Рамазан.Но во јавност обично никој не ја покажува промената на верската определба. Пратенички, професори и познати пејачи преминале од една во друга вера, но никој тоа нема јавно да го соопшти поради лична безбедност.
Но зошто Стефан станал Суфијан? Дали навистина ја проучил религијата, па одлучил за својата верска припадност?! Свештените лица велат дека главно постојат две причини поради кои се случува таа промена на религија. Едната причина е убедувањето или засакување на некоја религија или на начинот на живот според таа религија, што, секако, како што коментираат свештените лица, не мора да биде оправдано. Втората причина е некаква сатисфакција, било да се работи за финансиска, било да се работи за чувство на моќ, можност да се докажеш.
– Ретко се работи за предубедување или убедување, иако и тоа убедување дека треба да се создаде типичен начин на формирање држава, калифат, под строги верски правила според кои тоа општество треба да живее, само по себе е многу дискутабилно. Тоа е промашување на целта на постоење на човекот. Човекот е создаден од Господ со слободна волја. На својот отец може да му каже да или не. Приморувајќи некого да биде таков каков што сака само затоа што се нашол во својот простор, не правиш добро. Не правиш тој да го прими тоа со свое срце и своја волја, туку го прави тоа само за да не го изгуби својот живот – коментираат свештениците.

Во исламот не може да има преобратување
Но, без намера да се потцени некоја религија, кај преобратувањето во исламот најчесто се работи за пари, за моќ, за политика. Куранот не признава други вери, сите што не се муслимани се неверници, без разлика дали се припадници на христијанството, на јудаизмот, на будизмот или се атеисти. Оттука, во Исламот не може да има преобратување бидејќи нема преминување од една вера во друга вера.
На терминот „конвертит“ не му е местото во исламот. Ова е термин употребуван во „политички цели“ – за да се докаже исправноста на исламот. Но, зар не е неисправно некој да ја докажува исправноста на исламот, кога, како што велат верниците од таа вера, самиот Бог го пропишал?! Мулиманите коментираат дека Бог го пропишал исламот, тие го прифатиле и не смее да го доведуваат во прашање или статистички да го докажуваат.

Парите играат голема улога во религијата
Колку и да е чувствително, колку и свештениците да зборуваат за љубов кон Бога, за вистината, историски факт е дека парите и чувството на моќ играат многу голема улога во ширењето на една вера, и во ширењето на преобратувањето. Во периодот на навлегување на османлиските сили на Балканот, една од нивните примарни задачи било преобратувањето на верниците во ислам, бидејќи верата се поистоветувала со националноста и со имотноста. Секој што имал имот, бегови и други богати феудалци, полесно го прифаќале исламот бидејќи тоа бил услов за задржување на нивните имоти, за плаќање ограничен данок и за други погодности.
Парите играат голема улога и во христијанството. Оваа вера почнала да се шири дури откако римскиот император Константин, кој имал уште тројца конкуренти за престолот, ја прифатил оваа религија по начелото „Еден цар, една религија, еден народ“. Константин потоа трошел енормни суми за градење цркви и манастири со цел масовно да се прифати христијанството, кое претходно било прогонувано од римските власти. Во ова и успеал.
А како успеваат регрутите да примамат млади луѓе да се приклучат кон радикалните исламисти? Верските лица сметаат дека се работи за моќ и реализирањето на таа моќ.
– Прво мора да се напомене финансискиот аспект. Ги привлекуваат со пари. Другиот аспект е онаа крајно непожелна и недобра слобода, кога мислиш и сметаш дека можеш да правиш што сакаш, па дури и да убиваш. Тоа многу успева да ги привлече, тие во она свое самопронаоѓање сметаат дека се присилени од општеството, од уредувањето, од родителите. Сакаат слобода и доколку не ја стават таа желба за слобода во оние оправдани рамки до каде што може истата да се движи, во ова гледаат како на поле во кое можат да прават што сакаат, и сето тоа го прават во името на нешто. Кога ќе му претставиш дека се прави во името на Бог, тоа за него е возвишено. Радикалната форма на која било религија ја промашува целта на религијата, која пропагира љубов, мир, надеж, сигурност, почит кон ближниот и кон неговите потреби – коментираат верските лица.
МПЦ и ИВЗ посериозно да пристапат
По полициската акција „Ќелија“ во која беше уапсен и Стефан, новинарот Бранко Ѓоргевски, кој се занимава со прашањата поврзани со религијата, посочи дека од ова се гледа дека не може да биде случајно тоа што од Македонија дури петнаесет млади луѓе досега загинале како џихадисти и којзнае колкумина активно се борат.
– Не е случајно и наивно тоа што повеќе џамии се надвор од контрола на ИВЗ и дека сето тоа е со главно јадро во скопската општина Чаир. Со „Ќелија“ се виде дека самата Исламска заедница сега ќе мора посилно да се соочува со напливот на исламската идеологија, која е туѓа и спротивна на ханефиската школа, која со векови се практикува тука. Сега и ИВЗ и Македонската православна црква ќе мора најсериозно да го сфатат феноменот на преобратувањето во верата, на фактот за постоењето на преобратеници. На луѓе кои во одредени состојби, какви што се токму сега, се подготвени да се откажат од верата на која нивните семејства со векови ѝ припаѓале и да прифатат нови вери. Па така, традиционални муслимани стануваат радикали кои тргнуваат по патот на џихадот кој го прокламира терористичка Исламска држава, а по тој пат тргнуваат и доскорешни православни христијани. МПЦ веќе не може да се однесува како ништо да не се случило и оти тоа е случај што брзо ќе се заборави. Излегува дека и двете најголеми верски заедници во земјава мора длабоко да се преиспитаат зошто нивни довчерашни верници решаваат да си ја напуштат верата и да прифатат нешто што е толку ѓаволско и толку ужасно – посочи Ѓорѓевски.
Верските лица, пак, велат дека секој возрасен човек треба да знае до каде му е мерата и до каде може да оди.
– Во ова време ги имаме сите можности за да здобиеме знаење врз основа утре ќе расудуваме. Почитувај го она што го прави твоето достоинство. Оној што оди слепо кон таква промена, има некаква поинаква корист од тоа. Не треба да се прифаќа форма со која се злоупотребува религијата. Штети на себе, штети и на ближните – коментираат тие.
Пишува: Билјана Зафирова
Фото: Ѓорѓи Личовски
(Текст објавен во 154. број на неделникот „Република“, 14.08.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Вера Мештеровиќ: Не е лесно да се биде самохрана мајка!
-
Актерката Верица Недеска го напиша сценариото и ќе го режира краткометражниот филм „Вера“
-
Најновите истражувања потврдија: Верата во Бог навистина го продолжува животот!
-
Премиера во Драмски: „Вера, љубов, надеж“ – претстава на Италијанецот Лука Кортина за неговите 12 години поминати во Македонија


