Одговорот на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас за учеството на ексминистерот за надворешни работи Антонио Милошоски на конференција на која во заднина се гледа мапа на географска Македонија ја дава суштината на проблемот, кој, според сѐ, нема шанси да биде надминат во оваа деценија. Учество на ексминистер на конференција во организација на странска организација предизвика невиден и речиси простачки дипломатски одговор со кој не само што Грција покажа дека се чувствува како „Господ Бог“ во односите со Македонија и во исто време уште еднаш ја прекрши привремената спогодба. Имено, на профилот на „Твитер“ на грчкото Министерство за надворешни работи, кое е еден од вентилите преку кои грчкиот министер за надворешни работи Коѕијас испраќа пораки до јавноста, беше објавена невообичаена порака, која содржи голема доза на стилската фигура персонификација и, пред сѐ, голема доза на аматеризам.
Во буквален превод, Коѕијас на употребата на географската мапа на Македонија одговори со пораката: Датумот на истекот на рокот во кој може да се користат продуктите на скопскиот иредентизам е далечно минато. Нивната употреба и безумна консумација има опасни придружни ефекти. Покрај јавно изречената закана кон Македонија, грчкото МНР во пораката употребува и хаштаг #fYROM иако во согласност со привремената спогодба Атина не смее да користи ниту една кратенка, освен целото името прифатено во Обединетите нации, кое гласи поранешна Југословенска Република Македонија. Но пропагандата на „Твитер“ на грчката влада, која по прифаќањето на сите понижувачки барања од Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Европската централна банка се врти кон национализам за да ја дефокусира јавноста од историскиот пораз на грчката држава, не е главната тема за која вреди да се трошат зборови.
Главниот проблем е што Македонија во последниве 25 години дозволи Грција некритички да нѐ обвинува за иредентизам, а притоа да поминува со благи реакции од Скопје, кое има доволно аргументи да почне широка меѓународна кампања од која може да се види дека не само во однос на Македонија, туку и во однос на сите свои соседи Атина води иредентистичка, националистичка политика и промовира територијален експанзионизам. Во отсуство на македонски реакции и на грчки либерални поединци и групи што би ја наметнале оваа тема во меѓународната јавност, грчката држава последниве 15 години систематски дистрибуира официјална мапа објавена од законодавниот дом во Атина на која јасно се гледа дека Грција го прави тоа за што нѐ обвинува нас. За жал, и обидот на партијата Виножито во 2007 година да ја промовира оваа проблематика во Грција и во Македонија помина без поголем успех. Во 2000 година грчкиот Парламент испечати мапа со наслов „Историска карта на Грција“ на која дел од територијата на Република Турција е претставена како дел од „унитарниот грчки свет“. Поконкретно кажано, територијата во Мала Азија околу Смирна, источна Тракија, островите Имврос и Тенедос се претставени на картата како грчка територија. Насловот на картата е „ИСТОРИСКА КАРТА НА ГРЦИЈА“ а насловот на легендата е „ОБЕДИНУВАЊЕТО НА ГРЦИЈА“. Со виолетова боја се обележани териториите што се „соединиле“ со грчката држава во 1920 година, а подолу се пишува за севрската конвенција, која делумно ги задоволувала потребите на грчката „голема идеја“.
Самото пишување за обединувањето настојува да ја истакне „унитарноста“ и „непрекинатоста“ на грчките простори во кои се вклопуваат териториите обележани со виолетова боја. Грчките националисти мапата ја правдаат со тврдење дека не е експанзионистичка туку ја опишува реалната состојба на теренот по Севрскиот договор од 1920 година. Слична аргументација може да користи и секој Македонец националист тврдејќи дека Букурешкиот мировен договор од 1913 година и познатата карта од делењето на македонската територија меѓу трите држави не претставуваат експанзионистичка пропаганда, туку опишување на реална состојба во едно реално време. Значи, која е суштинската разлика меѓу насловите „ИСТОРИСКА КАРТА НА ГРЦИЈА“ (1920) и „ИСТОРИСКА КАРТА НА МАКЕДОНИЈА“ (1913)? Или, пак, по што се разликува еден наслов во стилот „ПОДЕЛБАТА НА МАКЕДОНИЈА“ од насловот „ОБЕДИНУВАЊЕТО НА ГРЦИЈА“ – прашува Виножито во својата анализа на содржината на мапата.
Во картата на грчкиот парламент, освен обележувањето на таканаречената „грчка зона на Смирна“, исто така просторот на Јужна Албанија е наречен „Северен Епир“ (официјалното име на северниот дел на Грција е Епир). Ако е тоа така, тогаш зошто во Грција одредени кругови негодуваат кога се зборува за „Чемерија“, кога се именува албанскиот дел од Епир, територија на која живееле протераните Албанци (Чамите) од 1945 година? Истото важи и кога се зборува за „Егејска Македонија“? И повеќе од тоа, како е можно во карта со поднаслов „Обединувањето на Грција“ да се вклучува и Кипар? Зошто во легендата е вклучен податокот за таканаречениот „секипарски референдум“ за обединување со Грција од 1950 година со 96 проценти гласови „за“? Со тоа целосно се игнорира ставот и состојбата на кипарските Турци и се наметнува некој впечаток дека речиси целото население сака да се „обедини“ со грчката држава? Со таквиот начин на прикажување на состојбата неутралниот набљудувач на картата добива впечаток дека Кипар, впрочем, е дел од Грција или, барем, втора грчка држава? Дали со овој потег кипарските Турци имаат право да протестираат и да зборуваат за грчки експанзионизам и иредентизам поддржан со официјален печат на грчкиот Парламент?
Спорната мапа не е редок примерок на историска карта што може да се најде само во архивите и во музеите, туку таа е дел од голем број административни згради во Грција, како што се општи простории, полициски станици, па дури и грчки амбасади во странство, со тоа индиректно вршејќи пропаганда во корист на политиката на „мегали идеја“ (големогрчка доктрина од почетокот на минатиот век за грчка држава што лежи на два континента и излегува на три мориња). Исто така, го пропагира грчкиот карактер на Кипар, како и грчкиот карактер на јужна Албанија. На картата се оди до таму што се користат грчките називи Монастирио и Стромница за Битола и за Струмица, кои се на територијата на Република Македонија, а сите топоними во јужна Албанија, која, патем, е наречена „северен Епир“, се само на грчки. Кога една таква карта се издава по иницијатива на грчкиот Парламент и под надзор на Воената географска служба, и до денес континуирано се дистрибуира од највисокиот орган на државата како што е Парламентот, како тогаш ќе успее грчката дипломатија да ги убеди соговорниците од каде било дека таа, впрочем, „се грижи за стабилноста во регионот“ и дека „експанзионистичката политика на соседите (мислејќи на Македонија) не придонесува кон оваа насока“?
По сето изложено, нејасно е како можело да се случи Македонија да трпи сериозни критики за мапи и за карти објавени од приватни лица и компании што не се во употреба од државни органи, а во исто време Грција да промовира и сама да печати карти со иредентистички пораки, а за тоа никој никаде да не ја обвинува. Од една страна, можеби е оправданата конструктивноста на македонската дипломатија, која следејќи ги препораките од САД и од ЕУ не се впуштаат во непотребен непријателски дијалог со Грција во очекување на моментот кога треба да се реши спорот за името, но од друга страна, кога е очигледно дека Атина ги користи сите можности за да добие подобра позиција пред „финалето“, тогаш јасно е дека оваа конструктивна политика на Македонија може да биде контрапродуктивна. Одговорноста за избраната политика и дипломатски чекори на крајот, секако, ќе падне на тие што ќе се обидат да дојдат на заемноприфатливо решение. Ако се случи тоа со варијанта што е прифатлива за Македонија, тогаш сите ќе заборавиме на овие тези, но доколку повторно Македонија биде исправена пред историска неправда и биде притисната да прифати неприфатлив предлог, секако, ќе се потсетиме на овие редови.
(Текст објавен во 154. број на неделникот Република, 14.08.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.