Потрагата по остатоците од малезискиот авион МХ370 на францускиот остров Реинион е прекината, соопштија властите на островот.
„Многу е мала статистичката веројатност дека за време на потрагата што е спроведена на островот ќе бидат најдени остатоци од авионот“, се наведува во соопштението.
Војската и полицијата ќе продолжат со потрагата на море и на копно во рамките на редовна контрола, пренесува „Франс прес“.
Во текот на десетдневната потрага во која беше вклучен и воен авион, два хеликоптера и брод на жандармеријата не е пронајден никаков предмет што би помогнал во истрагата.
„Сите пронадејни предмети се предадени за анализа“, се наведува во соопштението, но не се прецизира за кои предмети станува збор.
Мала надеж дека авионот конечно ќе биде најден се појави кога малезискиот премиер потврди дека делот од крилото на авион што беше најдено на 29 јули во близина на островот е остаток од „боингот 777“ на малезиската компанија.
Во очекување дека ќе бидат најдени и други остатоци и дека, конечно, ќе биде расчистена мистеријата стручни тимови пребараа околу 10.000 квадратни километри во океанот и цел источен брег на францускиот остров. Сепак, потрагата не доведе до идентификување на ништо што може да има врска со авионот.
Авионот на компанијата „Малезија ерлајнс“ исчезна на 8 март 2014 година додека леташе на релакција Куала Лумпур-Пекинг. Авионот исчезна без траг од радарите 60 минути по полетувањето. Во него имаше 239 патници и членови на екипажот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.