Американскиот државен секретар Џон Кери денеска допатува на Куба за да го крене американското знаме на амбасадата на САД што беше симнато пред 54 години, а кубанската телевизија во живо ја пренесува посетата.
Ова е прва посета на еден шеф на американската дипломатија на оваа карипска земја во последните 70 години.
Кери во Хавана ќе се состане со кубанскиот министер за надворешни работи, но не и со претседателот Раул Кастро, ниту со поранешниот лидер на Куба, Фидел Кастро.
Кери на ова патување го следат тројца поранешни маринци, денеска 70-годишници, кои во далечната 1961 година го спуштиле американското знаме од зградата на амбасадата.
Кубанската телевизија престана да емитува цртани филмови и прејде на преносот од церемонијата на кревање на знамето на САД, прикажувајќи го Кери како пристигнува на аеродромот во Хавана, пренесуваат американските медиуми.
Околу 200 Кубанци веќе во 8:30 часот по локално време беа собрани пред амбасадата, меѓу кои и возачите на три „шевролета“ од 1950-тите години, што беа паркирани пред зградата.
Американската амбасада е сместена во истата зграда на Малекон, славното шеталиште во кое била и кога дојде до прекин на дипломатските односи.
Кубанскиот шеф на дипломатијата Бруно Родригез на 20 јули во Вашингтон го крена кубанското знаме откако двете земји после повеќе од 50 години ги обновија дипломатските односи, пренесе Ал Џазира.
Американските медиуми укажуваат дека вистинската работа допрва претстои. Обичните Кубанци денеска ќе се радуваат, американските бизнисмени ќе ги воспостават првите контакти, а Кери ќе разговара со кубанскиот министер за надворешни работи, римокатоличкиот бискуп на Куба и со одбрана група дисиденти. Потоа следи потешкиот дел од работата, потсетуваат медиумите, додавајќи дека по заминувањето на Кери дипломатите кои преговарааа за повторното отворање на амбасадата ќе се посветат на новата фаза од детантот – ширење на економските врски меѓу двете земји и воведување мерки како директните летови и поштенските линии.
Американците, исто така, сакаат да го решат прашањето на имотот конфискуван после кубанската револуција додека Куба има сопствени барања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.