| четврток, 6 декември 2018 |

Тамаринд, дрво што ги дава едни од најбараните плодови во светот

Тамариндот (tamarindus indica) е еден од најраширените плодови во јужна Азија и може да се најде во секоја кујна

Тоа е зимзелено тропско стебло со потекло од Африка, кое дава многу сочно и вкусно овошје, кое потсетува на комбинација од сува смоква, мушмула и од урма. Свежо набрано може да се чува до една година, а да не загуби ни најмалку од свежината и од вкусот. Стеблото е многу големо, со долги тешки спуштени гранки и со густи листови, кои потсетуваат на мимоза. Старите стебла можат да достигнат висина до 40 метри. Во текот на секоја сезона стеблото дава во изобилство неправилно искривени мешунки, кои добро ги оптоваруваат гранките. Плодот има тенка надворешна лушпа, месото на плодот е со темнокафена боја, лепливо е и има конци како мешункастите растенија, кои ги обвиваат семките. Семките можат да бидат од две до десет и се тврди со темнокафена боја. Се работи за ново еколошко овошје, кое не е подложено на напад на никакви инсекти и болести, а раѓа обемно. Најблиска конкуренција што го извезува ова овошје за ЕУ се Индонезија и Тајланд, па од тој аспект се работи за профитабилен бизнис, особено кога сѐ повеќе се зборува за учеството на јаглеродниот диоксид во плодовите.

tamarind-2

Тамариндот содржи одредени здравствени елементи како минерали, витамини и диетални влакна. Неговата леплива пулпа е богат извор на нескробни полисахариди или диетални влакна, како што се гуми, хемицелулоза, пектин, слуз и танин. Сто грама овошје содржи 5,1 грама целулоза или преку 13 проценти диетални влакна. Диеталните влакна во храната ја зголемуваат својата маса и го зголемуваат празнењето на цревата и со тоа се спречува појава на тврда столица. Влакната ги врзуваат токсините од храната и со тоа ја штитат мембраната и слузницата на дебелото црево. Освен тоа, целулозните влакна се врзуваат за жолчните соли (произведени од холестеролот) и ја намалуваат нивната повторна апсорпција во цревата, со што помагаат во излачување на „лошиот“ или ЛДЛ холестерол од телото.

Тамариндот е богат со вински киселини. Винската киселина дава горчлив вкус на храната, но, исто така, е многу моќен антиоксиданс. Тој му помага на телото да се штити од слободните радикали. Плодот од тамаринд содржи многу испарливи соединенија како лимонен, гераниол, сафроли, цинамик киселини, метилсалициат, пиразин и алкилтиазоли. Тие материи заедно ги нагласуваат лековитите својства на тамариндот.

tamarind-3

Одличен извор е на минерали како бакар, калиум, калциум, железо, селен, цинк и магнезиум. Исто така, богат е со многу витални витамини, вклучувајќи ги и тиаминот, фолната киселина, рибофлавинот, ниацинот, витамин Ц. Голем дел од тие витамини се антиоксиданси, а кофактор влијае како ензим за метаболизмот во внатрешноста на телото.

Пулпата од тамариндот се користи во многу традиционални лекови како лаксатив, за дигестивни проблеми, гастрична болка предизвикана од нарушување на црниот дроб или на жолчниот меур. Овој плод се користи и како емулгатор во сирупите и во различни фармацевтски производи. Свежата мешунка од тамаринд е достапна во доцна пролет и рано лето. Набраната мешунка или пулпа во ладилникот ќе остане свежа една година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top