| четврток, 6 декември 2018 |

Владата „корумпира“

bona

Колумнист:
д-р Бона Лазар Бајрактарова
Универзитетски професор

Факти!

Во 2006 година, СДСМ (како власт) ги организираше парламентарните избори во државата… и ги загуби. Победи ВМРО-ДПМНЕ, со повеќе од 80.000 гласови разлика. Врз база на изборна програма. Со претставени планирани реформи и проекти во сите сфери на државата и на општеството, со прецизни податоци за нивната реализација. На ист начин ги добиваше и следните избори (2008, 2011, 2014)! Покрај новата програма, со дополнување/надградување на претходната, недореализирана поради скратениот изборен мандат (СДСМ незадоволна од опозицискиот статус постојано успеваше да изнуди предвремени избори, како и овој пат – 2016 година?!) – на тие избори, ВМРО-ДПМНЕ настапуваше со нов елемент во предизборната кампања – отчет за оствареното од претходните ветувања. ВМРО-ДПМНЕ вербализмот на СДСМ го замени со рационална посветеност според принципот – идеја, план, реализација!

СДСМ вели: Владата (актуелна) „корумпира“

Актуелната влада навистина „корумпира“. Ги „корумпира“ граѓаните на Република Македонија веќе девет години! „Корумпира“ со сè што направи /сработи/ за државата и за народот, а што не беше направено/сработено/ до 2006 година – а требаше да биде! На таков начин, ВМРО-ДПМНЕ ги придобиваше гласовите на мнозинството избирачи на сите досегашни избори, и – победуваше! СДСМ (нејзиното водство) ова го нарекува „системска кражба“ на гласови, и го користи како „аргумент“ за доживеаните порази! Но, за владината „корупција“, малку подолу.

Во рамките на сиот хаос што ни го приредува(ше) опозицијата во овие десетина и повеќе месеци наназад (несоодветни изјави и постапки на нејзини врвни членови или поддржувачи) постепено се разоткри шемата на нивното дејствување, стратегијата што вклучува многубројни бескрупулозни методи и средства за одработување – власт во државата без избори, инфилтрирање во државните институции, во органите што донесуваат одлуки без граѓански параф! Велат, се бореле за правна држава и владеење на правото, а на најдрзок начин го девалвираат законот, изборното право и јасно изразената волја на граѓанинот од пред само една година! Ја вмешаа ЕУ (еврокомесарот Ј.Хан, европратеници), а не се смирија додека не ги вмешаа и САД (В.Нуланд) – заради свои посебни очекувања?! Безмилосно ја девалвираа(т) државата на секој можен начин, ги девалвираат нејзините институции и нивниот стручен кадар, ама истите овие институции и кадри се кредибилни кога се работи за нивните интереси (аболиција – амнестија, апанажа…)! За нив не е спорно тоа што место со легални политички средства, своите цели сакаат да ги постигнат преку клеветнички вербализам и реторичко насилство! СДСМ во колаборација со голем број раководители на „невладини” организации што им се блиски, „независни“ новинари и неколкумина професори – своите политички ставови и „желби“ успеаја (самите го признаа тоа), да ги „внесат“ во, т.н. извештај на Прибе. Во овој извештај на експертската група (?) на ЕУ, (дополнување на второјунскиот договор од Пржино, и /како/ обврска за реформски постапки во државата наметнати на легалната Влада на Република Македонија), повеќе аналитичари (и други личности) ја согледаа идентичноста на ставовите и препораките дадени во него, со опозициските ставови и барања?!! Како пресликани! Да не зборуваме за некритичкиот однос на оваа Комисија кон материјалите од прислушувањето и заклучоците донесени врз база на такви – несоодветни материјали, кои се добиени на нелегален начин! Во Германија и во други европски држави беа откриени афери со прислушување на највисоки функционери во тие земји, но нивната култура и одговорност во политичкото однесување не дозволи што било од тие разговори да биде обелоденето! Ниво! Затоа, овие држави се големи, силни /не е во прашање само економската моќ!/ а нивните политичари и државници – почитувани! А, ние, такви какви што сме, ќе ги викаме да ни посредуваат при нашите незрели политички однесувања, да ни „судат“ врз база на реторички „бомби“, да го поткопуваме сопствениот државен интегритет и суверенитет! И, токму такви „бомбаши“ од СДСМ сакаат да ни ја водат државата! Во оваа политичка ситуација во земјава, извештајот стана омилен, „спасоносен документ“ за опозицијата! Имагинарно го растегнуваат до бескрајни граници, во согласност со своите желби, потреби, толкувања! Постојано поставуваат некакви нови и нови (ултимативни) барања – во име на извештајот! Купување време или креирање алиби за извртување на договорот во Пржино!

Опозицијата треба да ја разберете. Водењето чесна или нечесна, чиста или нечиста битка за власт – е право на избор! Или, манир на однесување! Но неприфатлив е извештајот на Прибе – барем не во формата во која е даден! А, за мене (и не само за мене), крајно неприфатливо и недемократски е наметнувањето на нелегитимното барање на СДСМ виа ЕУ – премиер на владата на една суверена држава како Република Македонија (избрана на легални избори со волјата на огромно мнозинство граѓани), 100 дена пред нерегуларните, наметнати вонредни (по четврти пат!) избори да се откаже од функцијата! Макар тоа да е планирано и како системско решение! Крајно девалвирачки за државата. Поради неспособноста и безидејноста на СДСМ – државата е ставена во подредена ситуација!

А, владата! Владата работи интензивно како и досега! Не дозволи застој во реализацијата на предвидените проекти (предизборна програма 2014 година), ниту во реализацијата на странските и други инвестиции! А што се однесува до „препораките“ од извештајот (на Прибе) – премиерот веднаш излезе со соопштение дека го прифаќаат, изработија акциски план за интензивирање на реформските зафати во посебно посочените сегменти, продолжувајќи ги своите редовни активности на ниво на држава!

За нашите слабости

На сите ни е јасно дека политичката криза во земјава е вештачки создадена! Да. Одредени недостатоци, слабости во управувањето на одредени полиња во државата, секако, има, посебно во работењето на пониските ешалони на власта, во административниот дел. Лежерното однесување, негувањето на принципот на незамерување, на штета на правилата и законите – како да стана правило на однесување на поединци! Но, во овој контекст, сите ќе се согласиме дека неодговорното, непрофесионално работење кај нас нема одредена политичка боја! И, во тоа, всушност, е нашиот проблем! Ама него, според сите правила и закони, треба да го реши актуелната власт! И, ќе го реши! Со сериозно „проветрување“ на лежерните, самобендисаните, тесногледите! Како и друг пат досега! Тоа не е работа на некаква преодна, нелегитимна влада, која ја нема одговорноста пред народот!

Омилена критика на опозицијата кон актуелната власт e: „Владата на Груевски корумпира“!

Ама, сите би сакале влада (како оваа на Груевски!) што „корумпира“ со градење патишта и автопатишта, болници, училишта и градинки низ државата… власт што „корумпира“ со бесплатни компјутери, интернет и учебници за учениците, со вонредно ниски партиципации за студирање, како можност за остварување на сечиј сон за (по)високо образование, независно од социјалниот статус)… со бесплатните одмори за децата од социјално загрозените семејства…

СДСМ има право – владата „корумпира“ на разни начини

Владата „корумпира“ и со отштетата на граѓаните имотно оштетени со експропријацијата/национализацијата во шеесеттите години и порано (ниту една друга влада досега не го реши овој проблем; некои граѓани немаа среќа да го дочекаат решението); „корумпира“ со работни места во новоотворените фабрики од странски и од домашни инвеститори, со можноста за самовработување преку сопствен бизнис, потпомогнато од државата, „корумпира“ со евтиниот, субвенциониран авионски превоз (за само десетици евра повратен авиобилет на пр., до Лондон, Амстердам, Париз… пред 2006 година – нешто незамисливо)!

Владата „корумпира“ и со зголемување на платите, пензиите… (Кога сме на оваа тема, ја поддржувам идејата на владата и на премиерот за линеарно покачување на пензиите планирано од овој септември; стартна разлика меѓу пензионерите постои во основицата на секоја поединечна пензија; верувам, ова мое размислување нема да биде протолкувано погрешно!)
Факт е – сите сакаме власт што покрај сето друго (фуриозно градење во државата), субвенционира разни дејности, во разни сфери и на разни полиња со позитивни ефекти за целата држава и народот!
Но, факт е и тоа, дека на Македонија ѝ требаат уште многу слични „корумпирачки“ развојни проекти! Да го неутрализираат татнежот од ТАТ, и тажното ехо од приватизацијата на општествените добра, на времето! Ѝ требаат уште многу нешта. Пред сè, поголем работен ангажман, одговорност и посветеност од сите, повисоко ниво на политичка (и друг вид) култура…, за да се избрише сликата за неа како слаба, неразвиена… држава.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top