Македонската одбојкарска репрезентација забележа огромен успех со пласманот на фајналфор турнирот во Европската лига, а до Полска ќе патува со автобус. Само што пристигнаа од гостувањето во Полска, каде ја победија домашната селекција на двата меча, повторно ќе треба да се враќаат назад и тоа со најефтината варијанта. Патувањето до Валбрзич ќе трае околу 24 часа, а првиот меч ни е против Естонија на 13. август. Естонците беа први во нашата група со максимални 10 победи, две против нас со 3-0 и 3-1.
„Ситуацијата со автобусот не уби ментално, но што е тука е, фајналфор не се игра секој ден и ќе дадеме се за да оствариме добар резултат“ – изјави капитенот Никола Ѓорѓиев на денешната прес-конференција пред тргнувањето за Полска.
Генералниот секретар на ОФМ, Зоран Карановиќ, не даде поконкретен одговор на оваа тема.
„Имавме најразлични комбинации за патување, но исто така и премалку време. Авионските карти се прескапи, а згора на тоа и не беше сигурно дали ќе стигнеме навреме во Прага, за потоа со автобус да допатуваме во Полска. Оваа репрезентација има зрелост, се надеваме на добра игра и резултат на претстојниот фајналфор турнир“ – изјави Карановиќ.
Евентуална победа над Естонија ќе ни донесе финале во Европската лига против победникот од полуфиналниот меч меѓу Полска и Словенија и шанса да играме во Светската лига.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



