Менаџерот на „Челси“, Жозе Мурињо, го истури целиот свој бес за лошиот старт на сезоната врз докторката на тимот, Ева Карнеиро.
Актуелниот шампион во Англија одбраната на титулата ја започна со нерешен резултат (2-2) против „Свонси“, на свој терен, а Мурињо вината ја бараше кај Карнеиро.
Таа во завршницата од натпреварот влета на теренот за да му укаже лекарска помош на Еден Азар, а Португалецот сметаше дека тоа не е потребно.
По инцидентот од првото коло во премиер-лигата се огласи и Ева Карнеиро со благодарност за поддршката што ја доби во јавноста.
– Ѝ благодарам на јавноста за големата поддршка. Навистина го ценам тоа – напиша Карнеиро на нејзиниот профил на „Фејсбук“.
По испадот на Жозе Мурињо, во одбрана на докторката на Челси застанаа сите, од навивачите на актуелниот англиски шампион до јавноста и медиумите.
– Таа не го разбира фудбалот. Не е важно дали е докторка или секретарка, оној што седи на клупата на „Челси“ мора да ја разбира ситуацијата во која се наоѓа клубот – рече Жозе Мурињо по утката на стартот од сезоната против „Свонси“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.