| четврток, 6 декември 2018 |

Зголемен бројот на задоволни пациенти од системот „Мој термин“

термин

Повеќе од 80 отсто од пациентите се задоволни од функционирањето на системот „Мој термин“, покажало последното истражување на Министерството за здравство, спроведено во јули оваа година.

Како што информираше денеска на прес-конференција Милан Аризанковски, проектен менаџер на Националниот систем за закажување прегледи „Мој термин“, процентот на задоволни пациенти пораснал за 12,5 отсто од минатото истражување.

– Најголемиот број од пациентите  во истражувањето покажува дека 93,8 проценти не им се случило да дојдат на закажан преглед, а притоа докторот да не е во амбулантата, а претходно пациентите да не се известени за тоа. Тука се бележи подобрување од минатото истражување – истакна Аризанковски.

Според него, податоците од истражувањето покажуваат дека докторите ја почитуваат обврската за навремено да ги известуваат пациентите за непредвидените  отсуства на лекарите или дефектите на апаратите за кое се должни телефонски или писмено да ги известат дека нивниот термин е одложен.

– На прашањето дали се почитува закажаното време за преглед во ситемот од страна на докторите, позитивно одговориле 71 процент од испитаниците. За ова говори трендот на намалување на доктори што доцнеле трипати или повеќепати од еден час во еден месец, рече Аризанковски и додаде дека од другите испитаници што одговориле дека докторот доцнел, повеќе од половина од нив се изјасниле дека чекале до половина час.

Истражувањето покажало дека за пет проценти е намален бројот на закажани прегледи во кои не дошле пациентите, односно само 15 отсто не се појавиле на преглед. Во системот на „Мој термин“ било забележано и зголемено откажување на прегледите од страна на пациентите и од нивните матични лекари.

– Возрасната група од 36 до 46 години е група што најчесто не можела да дојде на закажан термин, односно 20 проценти од нив. Најредовни се пациентите на возраст од 56 до 65 години, само седум проценти од нив не биле во можност да присуствуваат на терминот. Според анализите во „Мој термин“, бројот на пациенти што не се појавиле на преглед, а не го откажале, е значително намален и моментно изнесува помалку од седум отсто – информира Аризанковски.

Податоците од истражувањето според возраста покажале дека во секоја група, над 69 отсто од испитаните пациенти се задоволни од „Мој термин“, а најголемо е задоволството од 84 проценти кај возрасната група од 16 до 25 години, а од над 65 години задоволни биле 83,7 отсто.

Според етничката припадност, нивото на задоволство е приближно исто кај испитаните Македонци и Албанци, околу 80 проценти, додека од останатите етнички групи, 75 отсто се изјасниле дека се задоволни од системот.

Истражувањето било спроведено на вкупно 834 пациенти, од 24 јавни здравствени установи (клиники, општи и специјални болници и здравствени домови).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top